Националниот координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка, Роберт Алаѓозовски, заедно со Јасмина Ѓоргиева, координаторката на Секторот за дисеминација и односи со јавноста во Државниот завод за статистика (ДЗС) денеска остварија средба со претставници на повеќе етнички заедници во Северна Македонија на која разговараа и се информираа за претстојниот Попис како најобемна статистичка операција, чии податоци ќе помогнат за креирање на политики важни на национално и глобално ниво.
На средбата, на која присуствуваа претставници на заедницата на Египќаните, Црногорците, Ерменците, Русите, Унгарците и Словенците во нашата земја, се отворија повеќе прашања во врска со процесот на попишувањето, кој во прва фаза веќе започна за дипломатите и нивните семејства во конзуларните претставништва, за граѓаните од дијаспората и лицата коишто се во служба на Армијата на РСМ во државата или странство, лицата што се наоѓаат во притвор или на издржување казна затвор во затворите, казнено-поправните установи и воспитно-поправните домови, како и бездомните лица.
Присутните учесници на денешната средба се согласија дека е од исклучителна важност статистичката операцијата Попис на населението, домаќинствата и становите да биде успешно спроведена, притоа информирајќи се за одделни прашања поврзани конкретно со процедурата на попишувањето, за прашањата кои ќе бидат опфатени со Пописот.
Притоа, од страна на координаторот Алаѓозовски беше посочено дека спроведувањето на успешен попис е во насока на создавање на конкретни политики за успешно остварување на заложбите на Владата интегрирани во Националната стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализмот 2020-2022 година. Заедно со координаторката Ѓоргиева информираа дека се преземени мерки за успешно спроведување на статистичката операција на попишување податоци и дека се преземаат повеќе активности за исклучување на неправилности при попишувањето.
На средбата беше заклучено дека за успешноста на Пописот неопходно е учество на сите граѓани, кои согласно своето лично убедување и надлежност ќе помогнат и ќе учествуваат при градењето на општество кое почива врз принципите на меѓусебно почитување и толеранција, внатрешна кохезија, како и создавање политики за подинамичен економски раст и подобар живот за сите граѓани без исклучок.
фото: Архива