Македонија

Филип Милошески на распит во полиција, ќе треба да каже како влегла публика на натпреварот Македонија-Данска

Генералниот секретар на Ракометната федерација на Македонија, Филип Милошески, денеска ќе дава исказ во полициска станица зошто дозволиле публика на трибините во салата „Борис Трајковски“, за време на мечот меѓу Македонија-Данска.

„Скопје1“ дознава дека тој како прв човек на федерацијата требало исказ да даде и во изминатите денови, но, поради тоа што бил надвор од Македонија, во станица ќе оди денеска. Пред него, повикани да дадат исказ беа директорот на Зоолошката градина, Ѓорги Галетановски, директорот на затворот „Скопје“ во Шутка Филип Андов-Сокол, градоначалникот на Кисела Вода, Филип Темелковски, пратеникот Дарко Каевски. Сите, заедно со организаторот, се проверуваат дали ги прекршиле протоколите за заштита од коронавирусот во време на пандемија.

А протоколите за одржување на спортски натпревари се јасни. Според нив, спортски натпревари мора да се одржуваат исклучително без публика. Дел од повиканите функционери во изјава за дел од медиумите кажаа дека на натпреварот биле бидејќи имале покана, но, Милошески како генерален секретар на федерацијата која е организатор, се огради.

МВР најави санкционирање на сите кои ги прекршиле протоколите, во координација со Основното јавно обвинителство. По сослушувањата, ќе треба да се донесе одлуката дали ќе се поднесе кривична пријава против прекршителите.

Досега, за прекршување на протоколите, лицата кои го сториле тоа, се казнуваа според членовите 205 и 206 од Кривичниот законик.

„ Тој што со кршење на прописи или наредби со кои надлежен орган определува прегледи, дезинфекција, издвојување на болни или некои други мерки за сузбивање или спречување на заразни болести кај луѓето или со вработување или држење на лице кое боледува од заразна болест со вршење на полово дејствие или на друг начин, предизвика пренесување на заразна болест, ќе се казни со парична казна или со затвор до три година“, пишува во членот 205.

Следниот член од Законот е за непостапување според здравствените прописи во време на епидемија.
„Тој што за време на епидемија на некоја опасна заразна болест не постапи според прописите или наредбите со кои се определуваат мерки за нејзиното сузбивање или спречување, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година. Ако делото од став 1 го стори правно лице, ќе се казни со парична казна“, пишува во Законот.

Фото: Екипа.мк

На почеток