Македонија

Левица: Агитирањето на функционери од Косово е доказ дека пописот е фингиран и мора да биде прекинат

Откако вчера Албин Курти, ги повика Албанците од дијаспората, масовно да се попишуваат на пописот во Македонија, тоа денес го направи и вршителката на должноста претседател на Косово, Вјоса Османи. Покрај ова, вчера Првиот вицепремир Артан Груби се пофали дека неговиот сопартиец, Бујар Османи, од позицијата министер за надворешни работи на Македонија, лобира за признавање на Косово од страна на Шпанија. Ова покажува дека албанските функционери работат координирано на остварување на албанските етно-националистички агенди, а Пописот во Македонија, заедно со Предлог законот за државјанства, ќе бидат само уште неколку од низата такви политички алатки, кои ќе се искористат во истата насока, се вели во соопштението од Левица.

Во продолжение на истото од партијата додаваат:

Повикот од страна на косовските функционери до албанската дијаспора за таа масовно да се попишува, е флагрантен доказ за нивното мешање во внатрешните работи на Македонија. Дополнителен проблем претставува и големиот број лични карти за кои постои сомнеж дека се издадени под сомнителни околности на косовските државјани. Од друга страна, сето ова потврдува дека пописот воопшто не е обична статистичка операција, туку фингирана политичка операција која има намера дополнително да ја зголеми рамнотежата на моќ во полза на албанските партии. Загрижувачки е и тоа што за остварување на таквите цели се ризикува и здравјето на луѓето без разлика од која етничка заедница доаѓаат.

Единствениот начин за пописот да биде откажан е неговото бојкотирање. Откажаниот попис од 2011 е пример, а и преседан, кој покажува дека со масовен бојкот може да биде одложен пописот. Тогаш пописот почна на 1 октомври и со колективна оставка на Пописната комисија (која сега е укината) беше прекинат на 10 октомври. Причината за неговото прекунување беше токму тоа што според тој закон не беше дозволено да се попишуваат лица кои се надвор од државата повеќе од една година. Покрај ова, исто така не беше дозволена можноста трети лица да даваат податоци и да попишуваат други лица (што тогаш беше барањето на албанските партии). Токму овие барања сега се легализирани со нивно имплементирање во законот за сегашниот попис, што целосно го подрива неговиот легитимитет и легалност.

Со оглед на тоа што преседан веќе постои, а актуелниот Закон за попис не прави разлика меѓу вкупно попишано население и резидентното население, попишувањето би било погубно и затоа мора да биде стопирано.

Поразителен е фактот што политичките чинители надвор од албанскиот блок на политички партии немаат црвст заеднички став во однос на државните и национални интереси, со што, надминуваќи ги своите партикуларни интереси, одлучно ќе се спротивстават на долгогодишната малцинска тиранија врз мнозинството, спроведувана преку етно-трибалистичките политики на албанските партии. Впрочем, токму ваквата состојба беше гнасно искористена од надворешните фактори при што резултираше со илегална промена на името на државата. Сега уште еднаш истата ваква состојба се користи и од страна на Бугарија за конечно укинување и на виталните елементи од национална посебност и државотворност на македонскиот народ. Ваквата агресивна офанзива од страна на албанскиот национализам мора да биде пресретната и превенирана со координирана акција, преку бојкотирање и поништување на пописот. Дури откако ќе биде донесен нов Закон за попис, кој ќе ја елиминира можноста за негово фингирање, тој може и треба да биде спроведен. А понатаму, потребно е и отстранување на сите елементи од политичкиот систем кои прават етнодиференцијација во владеењето како и во креирањето и спроведувањето на политиките на државно ниво, велат од Левица.

фото: Архива

На почеток