Македонија

DW: Рашковски веќе станува камен околу вратот за Заев, а каде оди ВМРО ДПМНЕ?

Човекот кој му го донесе успехот во кампањата за излез од ЕУ, кој му ја осмисли победата на изборите, кој ги креираше политиките, стана камен околу вратот за Борис Џонсон и за партијата и неколку месеци подоцна поднесе оставка. Откако го фрли каменот околу вратот Џонсон се посвети на големиот проект за брзо вакцинирање на населението и таа кампања одлично му оди, објави www.dw.com. 

Во слична ситуација се најде премиерот Зоран Заев со неговиот советник и поранешен генерален секретар на владата, Драган Рашковски. Политичката штета што ја прави Рашковски со скандалот со софтверот и особено патувањето во Мексико, има продолжено дејство кон премиерот и СДСМ почнува да ги надминува рамките на првобитната афера. Особено со зајадливите и провокативни изјави од Мексико („овде е многу евтино“). Наместо да се обиде да го смири незадоволството тој од Мексико дополнително ја дразни јавноста. За жал на премиерот, фокусот на јавноста од Рашковски се префрла кон него. Тој веќе станува камен околу вратот за Заев. Колку повеќе го чува толку поголем ќе биде товарот. Политичката судбина на Рашковски веќе станува помалку важна. Треба да се менаџира перцепцијата на јавноста кон владата. Така е кога се владее – треба да се погледне целината на сликата, а не личната доверба и наклоност, а можеби и вербата дека тука нема ништо грешно. Политиката навистина е безмилосна: доколку еден запчаник во тимот почнува да прескокнува мора да се замени за да не се закочи целиот систем. Без оглед на пријателствата и довербата. Промените во политичката екипа се нормални и во тоа нема никаков спектакл. Тие се потребни за да не престане да се движи тркалото.

На овој или на оној начин случајот со Рашковски ќе се разреши. Ќе видиме какви последици тоа може да има врз Заев. Многу поважно и подалекусежно за развојот на вкупната политика во Македонија се настаните во Будимпешта. Не загадочната аудиенција на Никола Тодоров кај кралот во егзил и следствено на тоа откажувањето на вонредниот конгрес подготвуван од бунтовниците во ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е дел од вмровската сага за потрага по наклоност на Никола Груевски, а веројатно со тоа и на унгарските пари што се слеваат низ различни славини и во партијата и во нејзините медиумски испостави. Таа сага ќе трае, пишува  www.dw.com. 

За ВМРО-ДПМНЕ е од далекусежно значење излегувањето на партијата Фидес на унгарскиот премиер Виктор Орбан од семејството на Европската народна партија (ЕПП). Судбината на Никола Груевски за партијата е важна, но многу поважни сега се дилемите на врвот на ВМРО-ДПМНЕ кога од ЕПП го снема нејзиниот најважен пријател. Можеби единствениот на кој безрезервно можеше да се потпре во демохристијанското семејство. Кога во средината на јануари Христијан Мицкоски и Александар Николоски беа во Будимпешта на средби со Орбан и шефот на дипломатијата Петер Сијарто (потоа и во Љубљана и во Загреб) лидерот на ВМРО-ДПМНЕ тоа го објави како дипломатска офанзива.

Од настаните во „семејната драма“ во ЕПП ВМРО-ДПМНЕ би требало да извлече одредени заклучоци и да размисли како и каде ова раководство ќе ги јакне врските. И кон каква идеологија ќе се приклони. Кон орбановската што ја заговара Јанез Јанша, кон малку помеката на австрискиот канцелар Себастијан Курц или кон класичниот демохристијански правец на најголемиот дел од партиите во ЕПП.

Денови и месеци на големи искушенија за вмровското водство. Ова излегување на Фидес од ЕПП веројатно им ги отвори очите дека Орбан го гледа првенствено својот спас и во овој момент малку мисли на оние што што егзалтирано се насладуваа на илибералниот гулаш. Доколку вмровскиот труст мозоци остане приврзок на Орбан ќе ги оддалечи и оние малку партнери што им останаа во ЕПП. Доколку се оддалечи од Будимпешта може да секнат славините, а и судбината на Груевски да влезе во неизвесност. Тоа не е лесен избор, но ќе дојде моментот кога ќе треба изјаснување. А тој може да дојде многу брзо.

Текстот во целост на:  www.dw.com. 

На почеток