На речиси десет дена пред почетокот на пописот граѓаните честопати се прашуваат што треба да направат доколку попишувачот не ги најде дома или доколку едно семејство има два или повеќе станови и куќи, па дали треба и на тие адреси да се попишуваат.
За овие прашања Плусинфо побара одговор од директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски.
– Доколку попишувачот на точната адреса не најде никој од семејството дома, тој има обврска да остави белешка, кога точно повторно ќе дојде на таа адреса, а тоа може да се случи и три или четири пати. Бидејќи работното време на попишувачите е од 08 до 20 часот, поради тоа препорачуваме лицата кои треба да бидат попишани на истата белешка да остават точна саатница кога ќе бидат дома за попишувачот да дојде. Во минатото во ваква ситуација, попишувачот оставаше белешка по што попишуваните лица требаше да јават во локалната канцеларија за попис, но овој пат не е така – ни изјави Симовски.
Директорот на ДЗС потенцираше дека речиси 30 проценти од граѓаните не живеат на адресите кои им се во личната карта, поради нивни лични причини. Но, сепак попишувачите ќе имаат обврска да ги лоцираат и да го спроведат пописот на адресата каде што можат да ги најдат или тоа ќе го стори некој друг попишувач.
Текстот во целост на: Плусинфо