Македонија

Казни до 300 евра за тие што ќе одбијат да се попишат

Пописот се спроведува и ќе се спроведе целосно безбедно, истакна денеска портпаролот на Владата на Северна Македонија, Душко Арсовски на заедничката прес-конференцијата со Јасмина Ѓоргиева од Државниот завод за статистика.

Арсовски нагласи дека учеството во пописот е задолжително и претставува можност за секој граѓанин сам да придонесе во креирање на сопствената и заедничката иднина.

„Учеството е задолжително. Кривично се одговара за поттикнување на бојкот на оваа најважна статистичка операција. За тие што ќе одбијат да се попишат ќе биде почната прекршочна постапка, а казните се до 300 евра“, истакна портпаролот Арсовски и посочи дека одложување не е опција.

На прес-конференцијата, претставничката на Државниот завод за статистика, Ѓоргиева ги сподели најновите податоци, информирајќи дека во дијаспората значајно над очекуваното во последното деноноќие се самопопишале над 20.000 македонски државјани кои живеат во странство и вкупната бројка денеска до 09:00 часот изнесува 121.580 државјани.

Повторно беше упатен повик до граѓаните кои живеат во странство да земат учество во Пописот 2021, нагласувајќи дека станува збор за едноставен, брз и безбеден статистички процес.

Во однос на активностите во државата, Ѓоргиева соопшти дека викендов заврши дополнителниот конкурс за попишувачи и изрази задоволство од одѕивот, односно пријавени се над 2.600 попишувачи или околу 800 повеќе од потребниот број. Таа истакна дека започнуваат тестирањата, по што ќе се добијат финалните резултати и ќе се изготват решенијата за ангажирање на попишувачите.

Таа истакна дека нема никаков застој и сè се одвива според планот и зацртаните рокови, во следните денови продолжува дистрибуцијата на материјалите за пописните комисии, а почнува и обуката на реонските инструктори.

 

На почеток