Македонија

Бугарското МНР го оцени како несоодветно видеото на бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски

Министерството за надворешни работи на Бугарија го оцени како несоодветно видеото на бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски откако вчера македонското МНР упати протестна нота.

„Пораките на видеото не го изразуваат официјалниот став на бугарската влада. Бугарија нема територијални претензии кон други земји“, се наведува во соопштението на Министерството за надворешни работи.

Од бугарското МНР забележуваат дека видеото на Џамбаски дошло по тридневно молчење од страна на македонската Влада, која ја повикале да се огради од клеветничките публикации на словенечката невладина организација Меѓународен институт за блискоисточни и балкански студии.

Претходно, македонското МНР соопшти дека за случајот ќе ги извести институциите во Европската Унија.

„Ваквите изјави не придонесуваат во напорите за продлабочување на пријателството, добрососедството и соработката меѓу двете земји. Реторика во која се изразуваат територијални претензии кон соседите не им прилега на земји сојузнички во НАТО и земја членка на Европската Унија, што е директно и спротивна на идеалите и вредностите на Европската Унија, на што и двете земји силно се посветени“, соопшти МНР.

Насловот на скандалозниот изборен е спот е „Mакедонија е бугарска, а Бугарија е над сѐ“. Европратеникот Џамбаски, од партијата на Красимир Каракачанов, во видеото вели: „Постојат каузи што се поголеми од сите и од што и да било. Од секоја политичка ситница. Поголеми од која било злонамерна политичка тема. За мене, за нас од ВМРО – таква кауза е Македонија. Македонија на оние Бугари што ја сакаат, кои ја наследија и кои никогаш не ја заборавија. На Бугарите што живеат во Македонија. Македонија на оние Бугари што ја изградија модерна Бугарија. Колку пострашно ја измислувате вашата нова лажна историја толку погласно ќе се уриваат лажните темели што сте ги изградиле. Колку похистерично ја мразите Софија, толку побугарски Охрид останува. Колку погласно ги врескате лагите, толку побрз и поужасен ќе ви биде крајот“, вели Џамбаски во спотот.

На почеток