Изненаден сум од изјавата на претседателот Пендаровски, сликите од Србија не се срам, тоа е одраз на солидарност во услови на криза. Покрај нашите граѓани се вакцинираа и граѓани на соседните земји, но ниеден претседател не рече дека е тоа срам за неговата земја. Владата прави максимални напори да обезбеди вакцини, а вакцинацијата започнува веќе од утре. Претседателот на државата како институција исто така би требало да игра значајна улога во сите овие процеси на набавки. За жал, конкретна поддршка од Пендаровски изостана, истакна министерот за здравство Венко Филипче.
Реакцијата на Филипче доаѓа откако претседателот Стево Пендаровски по советот за безбадност денеска искажа благодарност до соседна Србија, затоа што таму се вакцинираа многу наши граѓани, но додаде дека ова не смее да се повтори.
„Сликите кои ги гледавме изминатиот викенд кога многу граѓани отидоа во соседна Србија да се вакцинираат едноставно не смеат да се повторат. Благодарност до Србија се разбира, но тоа беше срам за нашата држава. Едноставно, државата мора да најде начин своите граѓани да ги вакцинира и да им пружи здравствена заштита тука, истакна меѓу другото Пендаровски.
фото: Архива