Свет

Борисов предлaга формирање повеќепартиска влада на експерти

Бугарскиот премиер Бојко Борисов предложи денес формирање повеќепартиска влада на експерти по парламентарните избори на кои неговата партија ГЕРБ води според првични резултати, но не освојува мнозинство.

„Предлагам мир – да ги искористиме експертите и до декември да ја преземе одговорноста за борбата со пандемијата за повторно да може да се напредува“, истакна денес Борисов.

Централната изборна комисија (ЦИК) објави привремени податоци по пребројани 61,08% гласачки ливчиња од секторските изборни комисии во земјата и странство по вчерашните парламентарни избори во Бугарија. Тие покажуваат дека ГЕРБ е во водство, а на второ место е партијата на Слави Трифонов „Има таков народ“, јави Слободна Европа на бугарски јазик.

БСП останува на третото место. Коалицијата Демократска Бугарија има мало водство пред МРФ, но сè уште не се преброени сите гласови од Турција. Шест политички сили влегуваат во Националното собрание. Коалицијата околу Маја Манолова и Отровното трио ја преминува бариерата од 4% за влез во Националното собрание.

Засега, ВМРО на Красимир Каракачанов е под цензусот за влез во Собрание, како и Бугарскиот национален сојуз на Васил Божков и Преродба на Костадин Костадинов.

Борисов со видео на Фејсбук им се обрати на протестните партии. „Немате експерти, немате луѓе, треба да учите, но ние имаме огромен потенцијал“, кажа долгогодишниот бугарски премиер.

Бугарите вчера бираа 240 пратеници на националното собрание во Софија. Одзивот на гласачите беше околу 48 отсто.

 

фото: Архива

На почеток