Македонија

Овчарот од Кратовско се бори за живот, Хелсиншкиот комитет за човекови права бара одговорност од институциите

Овчарот од Кратовско, кој на импровизирани носила од непристапен и завеан терен бил донесен во болницата во Штип, се бори за живот. По обелоденувањето на голготата од страна на лекар од Итната помош кој учествувал во спасувачката драма и барањето одговорност од надлежните институции кои не се одзвале на повиците за помош, формирана е петчлена комисија од Центарот за управување со кризи која ќе го испитува случајот во Кратово.

Овчарот бил пронајден промрзнат во близина на неговиот дом во тешка здравствена состојба. Медицинска екипа заедно со роднини на овчарот направиле импровизирана носилка, по што пет часа на раце го носеле низ снегот, за да го спасат неговиот живот, објави dw.com.

Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов на прес-конференција изјави дека оперативецот на ЦУК во Кратово направил сè што можел, но никој немал возило.

Според претседателот Стево Пендаровски, немало никакво барање до Армијата за да помогне со хеликоптер во спасувачката акција на завеаниот овчар.

Хелсиншкиот комитет за човекови права денеска побара одговорност за небрежноста на институциите. Тие испратиле барање за вонреден инспекциски надзор до Државниот инспекторат за локална самоуправа за да се утврди дали Општина Кратово ги презела сите дејствија кои се во нејзина надлежност. Според нив, ако контактираните институции немале можност да спроведат акција, градоначалникот имал обврска да побара ангажирање на републичките сили за заштита и спасување, според членот 35 од Законот за заштита и спасување.

извор: dw.com.

фото: Социјални мрежи

На почеток