Македонија

Арсовски и Хоџа: Со измените на Законот за наставници и стручни соработници во основните и средните училишта трајно се решава работниот однос на околу 3 илјади лица

Портпаролите на Владата на Република Северна Македонија Душко Арсовски и Муамет Хоџа на денешната редовна прес-конференција информираа за заклучоците и одлуките донесени на вчерашната 65-та седница на Владата и одговараа на прашања на новинарите.

Информирајќи за одлуките на вчерашната 65-та владина седница, портпаролите истакнаа дека на предлогот на Министерството за образование и наука, Владата вчера го утврди текстот на Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за наставниците и стручните соработниците во основните и средните училишта.

Со ова се создава правна и економска сигурност на наставниците и стручните соработници преку засновање на работниот однос на неопределено време. Претходно наставниците и стручните соработници беа неколкупати вработувани на јавни огласи на определено време пред да ги исполнат условите за трансформација на работниот однос.

Преку оваа измена се подобруваат можностите за професионален и кариерен развој и се воведуваат нови можности за стручните соработници. Со предложените измени ќе им биде трансформиран работниот однос од определено на неопределено време на околу 3 илјади наставници во основните и во средните училишта.

На вчерашната седница е утврдена содржината на Предлог-законот за учебници и други наставни и дидактички материјали во основно и средно образование од кој се очекува да се подобри квалитетот на учебниците во основното и средното. Се обезбедува транспарентност на постапките за набавка на учебници, се поставуваат механизми за контрола на содржината за да се спречи на влез на дискриминирачки содржини. Се обезбедува дигитализација и пристапот на учебници за лицата со оштетен вид.

Од прво до трето одделение учениците ќе користат учебници во печатена форма, а од четврто до деветто одделение во основното образование, како и учениците во сите години од средното образование ќе користат учебници во дигитална форма и наставен и дидактички материјал во електронска форма.

Портпаролите информираа дека Владата на вчерашната седница ја донесе Одлуката за начинот на користење на средства за репрезентација во Министерствата и другите органи на државната управа со која за прв пат се ограничуваат трошоците за угостителски услуги во државата при одржување работни состаноци. Точно е определен износот кој може да се користи по лице присутно на состанокот, а ограничувањето на износот е во зависност од функцијата на лицето коешто го организира состанокот.

Во одлуката е предвидено дека во случај на непочитување на одредбите на оваа одлука против раководителите опфатени со неа може да се применуваат една од утврдените мерки во член 23 од Кодексот за етичко однесување за членовите на Владата и носителите на јавни функции именувани од страна на Владата.

Исто така информираа дека на седницата е усвоена информацијата на Министерството за животна средина и просторно планирање за подготвено решение за одобрување на планот за ремедијација на локацијата на „ОХИС“ со планот за конечна деконтаминација на линданот во кругот на фабриката.

На вчерашната седница Владата ги утврди измените и дополнувањата на Законот за здравствена заштита со кои се уредува и начин на вршење на здравствена дејност од страна на приватните здравствени установи при постоење на кризна состојба – епидемија или пандемија. Истовремено ѝ се овозможува законско овластување да определува највисоки цени во приватните болници во висина на референтните цени утврдени од страна на Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија.

Со предложените законски измени е предвидено и користење на ресурсите на приватните болници доколку условите го наложуваат тоа согласно состојбата предизвикана од пандемијата со КОВИД-19.

Владата ја утврди Предлог-одлуката за одобрување на продолжување на рокот за постоење на кризна состојба на територијата на Република Северна Македонија, со која се предлага на Собранието на Република Северна Македонија да одобри продолжување на рокот за постоење на кризна состојба до 31 декември 2021 година.

Воедно Владата донесе Одлуката за одобрување на околу 3 милиони евра од Буџетот на Република Северна Македонија за 2021 година од програмите за ковид мерките за спортските федерации на кои им е издаден ваучер согласно Законот за спорт, со што се создаваат услови за непречено спроведување на нивните активности и во овие вонредни услови заради пандемијата со КОВИД-19. Средствата наменети за спортските федерации се дел од мерките на Владата за постојана поддршка на спортот и спортските работници.

На новинарско прашање за повлекувањето од функцијата на секретарот за мониторинг и поддршка на институциите при реализација на програмата на Влада Драги Рашковски, портпаролот Арсовски соопшти дека станува збор за негова лична одлука и дека премиерот Зоран Заев ја прифати оставката на Рашковски.

Во однос на објавениот список на хонорарно ангажираните лица во Владата, портпаролот Арсовски истакна дека имињата на сите овие лица беа објавени низ транспарентна постапка, како стандард што досега го немало во Северна Македонија и посочи дека точно се знае ангажманот на овие лица, при што нивните ангажмани се строго професионални и се реализираат во целост.
Тој истакна дека квалитетот на извршувањето на задолженијата го оценува Владата, а делата, трудовите и анализите кои се подготвени од соработниците непречено ги користат службите во Владата и институциите при реализацијата на различни проекти од интерес на граѓаните.

 

фото: Архива

На почеток