На 63-тата седница на Советот на Општина Центар, одржана денес, градоначалникот Саша Богдановиќ ги информираше советниците за постапувањето по Заклучокот донесен од Советот на Општина Центар на 17.12.2021, кој се однесува на недоследностите на новиот Закон за урбанистичко планирање и делот за суспензија на плановите.
На 28-ми декември 2020-та година, Општина Центар се обрати до Министерството за транспорт и врски со барање одговори за воочени недостатоци во членот 23 од Законот за урбанистичко планирање со мислење за суспензија на Детален урбанистички план.
“Во пресудата од Уставниот суд ни стои, ‘Во меѓувреме, донесен е нов Закон за урбанистичко планирање, Сл. весник на Република Северна Македонија бр.32/2020 од 10.2.2020-та, кој што сега е на сила, а претходниот закон, по кој е донесена одлуката за мораториумот престанал да важи’ и со тоа се донело да овој ‘мораториум’ падне“, вели Богдановиќ за одлуката на Уставниот суд.
Во стариот Закон за урбанистичко планирање, општините немаа никакво ограничување за тоа колку да трае суспензијата или неспроведувањето на плановите, ниту пак беше утврдено кој ќе ја сноси штетата доколку одредена суспензија или било каква друга одлука биде донесена.
Новиот Закон за урбанистичко планирање е ограничкувачки и дава рокови за ревизија/суспензија од 6 месеци за дел од ДУП и 12 месеци за цел ДУП. Доколку се пробијат роковите или пак се нанесе некаква штета при носењето на ДУП-от, одговорен е донесувачот на планот, односно Советот на Општина Центар.
„Во новиот Закон за урбанистичко планирање јасно се дефинирани можностите за суспензија и уште полошо, што за секоја започната активност за суспензија, трошоците за штетите што евентуално би настанале како лоша последица, треба да ги сноси тој што е донесувач. Тоа е Советот на Општина Центар или индиректно, општината. Во претходниот закон тоа не беше предвидено, така да некој и да покренеше таква иницијатива, во законот немаше можност за ‘претрпена штета’“, додава Богдановиќ.
Она што е спорно во новиот Закон за урбанстичко планирање е ставот 9 од членот 23, кој гласи дека по истекот на пропишаните рокови, суспендираните урбанистички планови, нивните делови или плански одредби, продолжуваат да се спроведуваат при што штетите што настанале од суспендирањето на планот, како и од неотстранувањето на недостатоците на суспендиратните урбанистички планови, ги сноси општината.
Водејќи се по стариот закон, во Општина Центар во сличен процес при промена на план кој што бил за одредена намена, еден од инвеститорите ја тужел државата, при што оштетата по пресудата наплатена во тој случај ја обештетила државата, а согласно новиот закон, доколку некој инвеститор поднесе тужба, оштетата паѓа на товар на општината.