Македонија

За издавањето вистински македонски пасоши со украдени идентитети, може да поминат со казна од шест месеци до три години

Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција неделава поднесе обвинителен предлог против 11-мината вмешани во скандалот со издавањето на македонски пасоши кој опозицијата го нарече „Мафија“, а Министерството за внатрешни работи „Двојник“. Обвинителниот предлог е поднесен против вработените во Управните служби на МВР, каде се издаваат пасошите и против Раиф Мифтари кој посредувал меѓу службениците и лицата кои ги купувале пасошите, а имале дебело криминално досие, Објави ФОКУС.МК.

Мифтари успеа да избега, шестмина од обвинетите се во притвор во Шутка, а на тројца им се одредени мерки за претпазливост. Еден од обвинетите пак бил веќе во притвор за малверзации за издавање на возачки дозволи.На обвинетите првично им беше одреден осумдневен притвор, а по поднесувањето на обвинителниот предлог, на сите им е определен триесетдневен притвор.

Но, она што во јавноста помина речиси незабележано е тоа што за овој скандал, којшто се споредува со скандалот со масовното прислушување, во којшто не се тргувало со лажни пасоши, туку државни службеници, со државни ресурси издавале вистински македонски пасоши со украдени идентитети, може да помине со казна затвор од шест месеци до три години за службениците, ако не истрагата не се прошири.

Обвинителството ги гони уапсените за кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 1 од Кривичниот законик. –Службено лице кое со искористување на својата службена положба или овластување, со пречекорување на границите на своето службено овластување или со неизвршување на својата службена должност ќе прибави за себе или за друг некаква корист или на друг ќе му нанесе штета, ќе се казни со затвор од шест месеци до три години, стои во став 1 од членот 353 од Кривичниот законик.

Тоа значи дека, бидејќи казната затвор е помала од пет години, против осомничените се води скратена постапка и наместо обвинение, против нив е поднесен обвинителен предлог.

Текстот во целост на: ФОКУС.МК.

 

На почеток