Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство за двајцата пратеници од владејачкото мнозинство кои заразени со Ковид-19, гласаа во законодавниот дом.
Координаторот на пратеничката група, Никола Мицевски оцени дека тоа е спротивно на сите законски норми и по ниту една цена не е оправдано.
„Во текот на утрешниот ден Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство. На потег ќе биде правосудството кое ќе треба да се оттргне од очигледните политички стеги во рамките на коишто функционира според сите меѓународни извештаи“, рече Мицевски.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека на овој начин е даден пример оти политичарите се над законите, а притоа во ризик биле ставени сите вработени во Собранието, присутните претставници на медиумите како и пратениците.