Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски заедно со потпретседателот на партијата Александар Николоски, генералниот секретар Ѓорѓија Сајковски, пратениците Ане Лашкоска, Владо Мисајловски, Бојан Стојаноски, дојде на протестите на кои се бара слобода за осудените лица за 27 април. Него го придружуваше и пратеничката Жаклина Пешевска која беше осомничена за упадот во Собрание, а потоа ослободена.
„Не смееме да премолчиме неправда, затворот на правдина е најтежок, а општеството не смее да дозволи импровизации. Даваме поддршка и бараме ослободување на уставобранителите, тие не се и не можат да бидат терористи. Тие се чесни граѓани на оваа земја“, напиша Мицкоски на „Фејсбук“.
Протестот од пред Влада продолжува пред Собранието, каде се упатуваат демонстрантите.
На протесто се извикува „Никогаш северна, само Македонија“, „Македонија, Македонија“ и пеење на „Море сокол пие вода на Вардарот“ и „Едно име имаме“, започна протестот со кој се бара ослободување на осудените за упадот во Собранието на 27 април. На протестот се бараше и оставка на Владата со извикување „Оставка, оставка“.
„Слобода за македонските патриоти“, „Слобода за Горан Ангелов“, „Слобода за Игор Југ“ се само дел од транспарентите кои ги вејат присутните на протестот. Дел од нив ги носат македонското знаме и знамето од Вергина.
Вкупно 211 години затворска казна добија 16 обвинети за „крвавиот четврток“, односно упадот во Собранието.