Неколку илјади луѓе денеска излегоа на протест во Скопје со барање за ослободување на затворените за насилствата во Собранието од 27 април 2017 година. Протестот под мотото „Демократија во Македонија, слобода за уставобранителите“ почна пред владата, а заврши пред Собранието. Учесниците на протестот пеат патриотски песни и скандираат „Никогаш северна, само Македонија“, како и „Слобода за браќата“. Тие побараа безусловно ослободување на осудените за насилствата од 27 април 2017 година.
„Бараме Врховниот суд на Македонија да ги поништи пресудите против сите за настаните од Собранието на Македонија на 27 април 2017 година и да го обнови судењето поради дополнителни докази за лажни изјави на сведоци и селективен избор на докази и сведоци против обвинетите“, побара оперскиот пејач Игор Дурловски во името на организаторите.
На протестите присуствиваа и семејствата на осудените.
„Слобода за тато“, пишуваше на транспарентот кој во рацете го носеше ќерката на Оливер Поповски осуден на 13 години затвор.
Од говодница пред Собранието актерката Арна Шијак побара слобода за осудените за 27 април. Шијак во името на демонстрантите и организаторите на протестот под мотото „Слобода за уставобранителите“ побара предвремени парламентарни избори заедно со локалните во октомври годинава.
„Бараме слобода за Јане Ченто осуден на 15 години затвор, Горанче Ангеловски осуден на 12 години затвор. Игор Југ, осуден на 12 години затвор. Вилијам Михајловски осуден на 14 години затвор. Младен Додевски осуден на 12 години затвор. Влатко Трајковски осуден на 15 години затвор. Оливер Поповски осуден на 13 години затвор. Оливер Радулов осуден на 10 години затвор. Мунир Пепиќ осуден на 15 години затвор. Митко Пешов осуден на 15 години затвор. Митко Чавков осуден на 18 години затвор. Никола Митревски осуден на 15 години затвор. Абдуљфета Алими осуден на 7 години затвор. Николчо Димитриевски осуден на 10 години и 6 месеци затвор. Коста Делов осуден на 10 години и 6 месеци затвор. Душко Лазаров, осуден на 15 години затвор.. Оливер Ошаковски осуден на 10 години и 6 месеци затвор. Александар Јаневски-Тошта, Кире Ѓоргиевски осуден на 13 години затвор. И Горан Ѓошевски осуден на 15 години затвор. Вкупно 268 години и шест месеци“, додаде Шијак.
Протестот беше во организација на неколку патриотски здруженија.
фото: ФБ Робер Милески