Македонија

ВМРО-ДПМНЕ задоцниле со поднесување на листа на говорници за интерпелацијата на Спасовски, ја напушти седницата

ВМРО-ДПМНЕ задоцниле со поднесување на листа на говорници за интерпелацијата на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски. Наместо вчера во 11 часот, листата ја поднеле во 14 часот. Тоа за собранискиот претседател, Талат Џафери е спротивно на Деловникот кој предвидува листите да се поднесат 24 часа пред одржување на седницата, која денес почна во 11 часот. Поради тоа што списокот на говорници не им е прифатен, Никола Мицевски, кажа дека ова е со цел да се замолчи опозицијата. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија седницата.

„Пратеничката група нема да ви биде овде за да биде параван за вашето однесување. Колегите ќе ве одбранат Спасовски, ама немавте можност да чуете што мислат граѓаните“, рече Мицевски и ја напушти салата со останатите пратеници.

На ова му реплицираше Џафери кој кажа дека самите се криви што не поднеле список на говорници во времето кое го предвидува Деловникот.

„Основен кривец сте самите што не поднесовте список, според цитираниот член. Самите сте криви за двете интерпелации кои побаравте да се тргнат од дневен ред. Јас со задоволство ќе ја пречекам и дочекам вашата интерпелација за извршување на мојата функција, претседател на Собранието. Јас не работам по ќефот на политичките партии, туку спроведувам Деловник“, рече Џафери.

Интерпелација за работата на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски е поднесена од пратениците од Алијансат на Албанците и Алтернатива. Како предлагачи се потпишани Зијадин Села, Африм Гаши, Скендер Реџепи, Елми Азири, Сурија Рашиди, Халил Снопче, Илире Даути, Сафије Садики Шаини, Атнан Незири, Абдула Салиу, Артина Ќазими, Хусни Исмаили.

извор: Макфакс

На почеток