Делегација на германската фабрика „Гересхајмер“, предводена од потпретседателот Оливер Бургел, одржаа работна средба со премиерот Зоран Заев на која беа презентирани плановите за инвестиции на компанијата во земјава.
Оваа средба е во пресрет на утрешното официјално отворање на фабриката „Гересхајмер“ во Технолошко индустриската развојна зона Скопје 2. Премиерот Заев ги поздрави заложбите за инвестиции на „Герeсхајмер“ во земјава, кои значат имплементирање на врвна технологија и нови добро платени вработувања, што ќе влијае на севкупниот економски раст.
На средбата во Влада, присуствуваа и заменик-претседателот за економски прашања и координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, директор на ТИРЗ Јован Деспотовски, како и директорот на Агенцијата за странски инвестиции, Дејан Павлески.
Првиот инвестициски циклус на „Гересхајмер“ е петгодишен и започна во 2019 година, а се очекува да заврши до 2024 година со инвестиција од најмалку 25 милиони евра.
Како резултат на добрата деловна клима во земјата и поддршката на Владата, делегацијата на германската „Гересхајмер“, на средбата во Влада најави и втор инвестициски циклус за производство на стаклени шприцеви за медицински цели. Според најавите, втората ќе биде најголема странска инвестиција досега реализирана во една фаза.
„Гересхајмер“ е водечки глобален партнер во фармацевтската и здравствената индустрија кој произведува специјализирани производи од медицинско стакло и пластика. Во првата фабрика на „Гересхајмер“ во Северна Македонија се произведуваат пластични системи за фармацевтската индустрија. Производството е мехатроничко – со високо автоматизирани машини.
фото: Влада