Македонија

Митрески: На 27 април беше нападното Собранието и уставниот поредок, одговорност мора да има и за организаторите на крвавиот четврток

Четири години од 27 април, четири години од крвавиот четврток кога овде во Собранието беа нападнати пратеници, новинари, полицајци и вработени во собраниските служби. Четири години од денот кога ова Собрание, храмот на демократијата, беше претворено во крваво бојно поле за одбрана на ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски. Вооружени насилници, посегнаа по животите на пратеници, на новинари, посегнаа по уставниот поредок, по демократијата и волјата на граѓаните, а државата ја днесоа на раб на граѓанска војна, истакна Јован Митрески, координатор на пратеничката група на СДСМ и коалицијата.

Митрески додаде:

Тие насилници не се и никогаш нема да бидат уставобранители како што денеска лицемерно ги нарекува Христијан Мицкоски.

Сите ние кои бевме овде на тој крвав четврток, вклучително и дел од вас новинарите, знаеме дека тоа што се случи не беше никакво бранење на Уставот, тоа беше удар на Уставот и уставното уредување.

27 април е крвавиот печат на ВМРО-ДПМНЕ, а денешните обиди денешните протести, докажуваат дека оваа партија не е поместена ниту чекор од насилничката и режимска матрица со која 11 години ја држеше земјата во заложништво.

На 27 април 2017 не успеаја обидите државата да се дестабилизира.

На 27 април 2017 победи храброста, одличноста да се случат демократските промени, државата да се врати на вистинскиот пат.

Денес, четири години подоцна напредокот е очигледен. Од држава на раб на граѓанска војна, денес сме држава членка на НАТО со трајно обезбедена сигурност.

Од држава во која човековите права и слободи беа системски погазувани денеска сме држава каде демократијата, правата и слободите секојдневно се унапредуваат.

Од поделена, изолирана држава, денес сме држава на едно општество, држава партнер и сојузник на демократскиот свет.

Денес, Собранието повторно е храм на демократијата и поле на размена на идеи и аргументи.

Како одговорна, државотворна партија, нема да дозволиме никогаш да се заборави 27 април и заедно со граѓаните нема да дозволиме никогаш да се повтори.

Остануваме посветени на развој, на интеграција и напредок на нашата заедничка татковина Република Северна Македонија.

видео: СДСМ

На почеток