Македонија

Отфрлени кривичните пријави за КУБУС

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Решение за отфрлање на кривичната пријава поднесена од МВР БЈБ, Центар за сузбивање на организиран и сериозен криминал, Оддел за финансиски криминал, Единица за борба против перење пари и економски организиран криминал против едно лице за кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.4 вв ст.3 вв ст.1 вв чл.45 ст.1 од КЗ и за кривично дело – Измама од чл.247 ст.4 вв ст.1 вв чл.45 ст.1 од КЗ.

Со Решението отфрлена е и кривичната пријава на приватен подносител од Скопје против пет физички лица за кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.4 вв ст.3 вв ст.1 вв чл.22 вв чл.45 ст.1 од КЗ и за кривично дело – Измама од чл.247 ст.4 вв ст.1 вв вв чл.22 вв чл.45 ст.1 од КЗ и кривично дело – Фалсификување службена исправа од чл.361 ст.2 вв ст.1 вв чл.22 од КЗ, како и против две правни лица кои беа пријавени за кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од чл. 353 ст.4 вв ст.3 вв ст.1 вв чл.45 ст.1 од КЗ, кривично дело – Измама од чл. 247 ст.8 вв ст.4 вв ст.1 од КЗ и кривично дело – Фалсификување службена исправа од чл.361 од КЗ.

Обвинителството го донесе Решението по обемно направените проверки врз основа на обезбедената писмена документација и обезбедените вербални докази, испитувања на оштетени и сведоци, а пред се врз основа на економско-финансиското вештачење, проверките во Народната банка на РСМ и во Управата за финансиско разузнавање.

Имено, сите направени проверки и вештиот наод упатуваат дека пријавените физички лица не ја искористиле својата службена положба и овластување, ниту ги пречекориле границите на своето службено овластување, а со крајна цел предизвикување штета на правните лице Кубус и Кубус Инженеринг. Исто така, не е исполнето ниту битието на кривичното дело – Измама, бидејќи не може да се даде верба на тврдењето дека пријавените го навеле и го држеле во заблуда претставникот на оштетените правни лица, да зема кредити на штета на имотот на овие правни лица, уште повеќе што како управител кој при тоа треба да биде деловно способен, согласно законските обврски определени во Законот за трговски друштва, тој е должен да презема работи во интерес на правното лице, како и работи кои се целисходни за остварување на интересот на друштвото, а не во континуитет да го задолжува, без при тоа да преземе соодветни дејствија за кои се предвидени механизми во сферата на граѓанската постапка за наплата на своите побарувања, тренд кој се проткајувал во период од неколку години, а за сметка на оштетените правни лица. Како договорен однос, позајмиците претставуваат договорна волја на две или повеќе страни и како правен инструмент е предвиден во Законот за облигациони односи, поточно на оној што го дава заемот и оној што го прима и истите произведуваат како права за страните, така и обврски.

Во ваква ситуација кога се одобрени парични средства како кредити, по кои не се вршени редовно уплати од страна на предметните правни лица во банките, а во спротивно тие средства од страна на истите правни лица понатаму се давани како позајмици за кои биле склучени и Договори во кои била предвидена и определена каматна стапка, односно предвидена заработка, оди во корист на непостоење на елементот на штета кај пријавените кривични дела.

По однос на кривичното дело Фалсификување службена исправа, за чие постоење потребно е службено лице во службена исправа, книга или спис ќе внесе невистинити податоци, односно согласно став 2 од истиот член таквите исправи ќе ги употреби во службата како да се вистинити, не произлезе дека од страна на осомничените се преземени дејствија, без да му бидат познати на претставникот на оштетеното правно лице, а кои се однесуваат на поднесените барања за кредит, склучените договори, исплатата.

Што се однесува, пак, до пријавените правни лица, решението за отфрлање на кривичната пријава е донесено бидејќи постојат околности кои го исклучуваат кривичното гонење, од причина што кривично одговара правното лице кога тоа е определено во Кривичниот законик. Имено, за кривичните дела – Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 од КЗ и кривичното дело – Фалсификување службена исправа од чл.361 од КЗ, не е предвидена кривична одговорност за правното лице, што од кривично правен аспект претставува околност што го исклучува кривичното гонење, додека пак за кривичното дело – Измама од КЗ, во Кривичниот законик објавен во Службен весник бр.19/04 кој важел во тоа време не е предвидена одговорност за правното лице, која е воведена со измената од 2009 година, па оттука, согласно чл. 3 ст.2 од КЗ, ако по извршување на кривичното дело е изменет законот еднаш или повеќе пати, ќе се примени законот што е поблаг за сторителот, од кои причини се одлучи како во диспозитивот на Решението.

Оштетениот има право во рок од 8 дена по приемот на Решението, во смисла на чл. 288 ст. 2 од Законот на кривична постапка, да поднесе жалба до Вишото јавно обвинителство Скопје.

Поради обемноста на направените проверки за утврдување на фактичката состојба, образложението на донесеното Решение со детален увид во сите преземени дејствија го објавуваме во прилог на овој текст.

На почеток