Претседателот Стево Пендаровски по средбата со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, посочи дека одвај 4-5 минути разговарале за настаните од 27 април. Пендаровски рече дека не заговара преотворање на процесот и ново судење за обвинетите, туку тоа е законска обврска на судот доколку има нови докази предложени од одбраната, кои не биле дел од процесот.
„Политичката реторика врз основа на која тие пресуди беа врамувани и објаснувани, според мене, дополнително го продлабочува јазот меѓу граѓаните. Според едната група и едното образложение тие се терористи од рангот на Ал Каеда и ИСИС, а според други тие се уставобранители иако се судени за загрозување на уставниот поредок, значи не го штителе, туку рушеле Уставот. Мојата теза е дека ако вака продолжиме со политичка реторика која е крајно спротивставена, не само што нема да дојдеме до национално или граѓанско помирување, туку нема да воспоставиме базична политичка комуникација меѓу нас, како што е сега ситуацијата. Со оваа моја теза, не правам ревизија на судската пресуда, бидејќи не гледам причина за такво нешто. Тоа е завршена работа, луѓето лежат во затвор, ниту велам дека пресудата е донесена без докази. Туку зборам за обидите за политичко толкување на пресудите, кое не допринесува за воспоставување нормална политичка дебата во која нема да се гледаме како смртни непријатели. Мојот став е дека ако има нови докази кои порано не биле познати, може да го преотвори процесот, не значи дека јас заговарам преотворање на процесот. Јас само ја цитирам одредбата од законот, со која тие луѓе, преку своите адвокати, со вонреден правен лек, можат да побараат од Врховниот суд, да ги оцени новите докази, ако тие постојат. Одлуката дали процесот ќе биде повторен, сигурно нема да ја носи политички фактор, туку судот. Ја разбирам потребата за драматизирање и патетика, како и најавите дека средбата ќе помине со обид да се ревидира судскиот процес за 27 април или дека со средбата се врши врз судството. Претпоставувам ќе се сложиме дека е крајно необично, притисок врз судот да се врши на јавна средба од кабинетот на претседателот. Тие притисоци се прават на поинаков начин и средства, за што се убедивме од прислушуваните материјали“, рече Пендаровски.
Тој посочи дека осудените добиле заслужени казни и оти за тоа нема компромис.
„Во однос на случувањата од 27 април, јас го повторив мојот став дека помилување за лица кои направиле кривично дело без преседан во современа Европа не доаѓа во предвид, бидејќи вината им беше утврдена. Во однос на правната квалификација на делото, факт е дека тие лица не беа осудени за кривично дело тероризам, туку под друг член за терористичко загрозување на уставниот поредок. Дејствијата со кои може да се изврши тоа дело се слични, запретената казна е идентична. Инаку за 27 април постои и пресуда за истите луѓе кои беа дел од толпата и влегоа во Собранието и го претепаа Зијадин Села. Ако се следи правната квалификација на таа пресуда, тие беа осудени и добија високи казни, но не за тероризам, туку за убиство во обид. Или во случајот со напаѓачот со пратеничката, тогаш, Радмила Шеќеринска, со сцените кои не шокираа нас и светот, кој не беше суден за тероризам туку насилство. Сите овие споменати направија страшни кривични дела. Оставија тешки трауми кај нападнатите и семејствата. Добија заслужени казни и тука нема компромис“, додаде Пендаровски.
На средбата со Мицкоски, претседателот Пендаровски го информирал лидерот на опозицијата и за интеграциите во Европската Унија.
„Јас го информирав во однос на блокираните евроинтеграции. Му кажав дека од Софија не доаѓаат никакви новости поради нивните избори. Во кратки црти му кажав што и за целата оваа ситуација, мислат, зборуваат, планираат нашите европски пријатели во Брисел“, кажа Пендаровски.