Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, денеска учествуваше во вежба за спасувачка акција „Мрежичко 2021“ и со јаже се преминуваше преку кањон. Тоа го направи за, како што рече, да им оддаде почит и да ја докаже неговата доверба во вештините и опремата кои ги поседуваат членовите на Спелеолошката федерација на Македонија.
„Потребни се длабоки системски реформи за овие луѓе да бидат ставени во системот на државата, во системот за управување со кризен менаџмент за нивните вештини да бидат на располагање за сите граѓани на кои ќе им биде потребно спасување или извлекување од непристапни терени. Наша задача како ЦУК е длабоки реформи на целиот систем за да бидат отстранети сите недостатоци кои ќе ги детектираме или се детектирани до сега“, рече Ангелов пред да се спушти.
Вежбата „Мрежичко 2021“ беше изведена во кавадаречкиот регион, а кањонот преку кој тој поминуваше е длабок околу 30 метри.