Македонија

Левица: СДСМ и ДПМНЕ здружено ќе го легализираат криминалот направен со дивоградбите

Ако малку подобро се погледне законското решение за дивоградбите, кое на јавноста и беше понудено, а каде што како објекти за легализација се вброени и „базените“, јасна е тенденцијата за легализација на приватниот интерес – луксузот и комфорот на побогатите. На странските државјани од документи за легализација им се бара само „копија од патна исправа“, со што и на богатите странци ќе им биде отворен патот за узурпација на македонските урбани јадра и планини. Нешто што не можат да го прават во своите матични држави, се вели во соопштението од Левица.

Во продолжение на истото се додава:

Понатаму, ќе се легализираат дивоградби во заштитени подрачја, национални паркови, природни резервати, споменици на природата, подрачја на заштитено недвижно културно наследство и нешто што е апсолутно недозволиво, во прва и втора санитарно-заштитна зона на извори на вода за пиење, само по добиена согласност од надлежен орган!

Со овој закон ќе бидат легализирани стотици нелегални комерцијални објекти, луксузни куќи и викендички, кои со години се градат бесправно со преќутна согласност на властите. Она што мора да се потенцира е дека, овој закон беше договорен на лидерската средба, одржана за одложување на пописот. Токму на предлог на амандман на ВМРО-ДПМНЕ, со овој закон се предвидува да запрат сите кривични и граѓански постапки што се во тек, а се поврзани со изградба на бесправни објекти (од значење на локално и републичко ниво).

Со заедничкото изгласување на овој амандман, од страна на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, се запираат кривичните постапки против новинарот Драган Павловиќ-Латас, поранешниот градоначалник на Општина Карпош Стевчо Јакимовски, градителот на срушениот објект кај „Мавровка“ и градителот на дивоградбата кај Американската амбасада, за која беше објавен и прислушуван разговор меѓу Никола Груевски и Али Ахмети. Од ова може да се заклучи дека се работи за уште една договорена амнестија помеѓу власта и опозиционата ВМРО-ДПМНЕ, повторно на штета на граѓаните.

Од сите горе наведени причини и многу други, Левица гласаше против овој закон.

На почеток