Страницата „Реформи во СДСМ“, на која се објавуваа снимки од затворениот дел од неделниот конгрес, за помалку од 24 часа се „изгуби“ од социјалната мрежа Фејсбук, но се појави нова насловена како „Оставка на Заев“. На оваа страница од утрово продолжува објавувањето снимки од говори на делегати кои искажуваат незадоволство, а паралелно објавувачите обвинија и за цензура од страна на „недемократскиот дел на СДСМ“.
„Вчера порароботи цензурата и по налог на недемократскиот дел од СДСМ, кој ја окупира нашата партија, беа избришани делови од говори што ја говорат вистината за СДСМ и Заев, кој мора да си оди. Нема да нѐ замолчат. СДСМ е нашата партија, бараме промени и оставка на Заев“, пишува во објавата од утрово.
Во истата објава има и нова снимка, за која се посочува дека се слуша гласот на делегат од Центар Жупа, кој вели дека функционерите од СДСМ заборавиле на членството и работат само за своите лични интереси.
„Издржавме по улиците, пред институциите, издржавме со камповите, боси, гладни и успеавме. Но парадоксот што следуваше уште се чувствува во овие општини, е тоа што сите учесници на овој макотрпен процес се оставени на маргините и не почувствуваа дека СДСМ е на власт. А тоа е, почитувани другари, затоа што сите новоизбрани раководни кадри именувани во јавната администрација заборавија со чија мака и пожртвуваност дојдоа на тие позиции и се одлучија да работат своеволно гледајќи ги само личните интереси“, се слуша во снимката за која се посочува дека е гласот на Хазафер Амбруловски од Центар Жупа.
Уште една снимка што е објавена е од говорот на кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, кој критикува дека одредени општински организации се претвориле во здруженија на мали групи и дека има примери со кои партијата наликува на ВМРО-ДПМНЕ.
„Гледам дека не сите наши партиски другари го доживуваат или го разбираат слоганот на транспарентност, отчетност и одговорност, па всушност, за жал, ги трансформираа одредени општински организации, а со тоа делумно и партијата, а можеби грешам, во здруженија на мали групи организирани, заемно поврзани луѓе. Ќе направам сѐ, во рамки на своето членување во партијата, овој начин на функционирање на партијата да се промени во целост. Но, првенствено, ниту во еден момент не смее да заборави ниту еден наш партиски функционер, носител на јавна, државна и политичка функција, дека не смееме да оставиме впечаток дека наликуваме на она против што своевремено се боревме, а за жал имаме такви примери. Лоши примери, кои во јавноста генерираат лоша слика за нас како политички субјекти“, се слуша Димитриевски во аудиоснимката.
Инаку првата снимка на оваа страница беше објавена вчера. Истата беше од Радмила Шекеринска, која се повлече од функцијата заменик-претседателка, а која, исто така, ја критикуваше партијата.