Македонија

Многу невработени, а малку избор за компаниите

Невработеноста во третиот квартал само минимално се намалила, а компаниите и понатаму плачат за работници. Според Државниот завод за статистика, стапката на невработеност во третото тримесечје од годинава се намалила на 20,8 отсто, за разлика од вториот квартал кога беше 21,1 отсто. Во овој период активно работоспособно население во земјава биле 958.770 лица, од кои 759.445 лица се вработени, а 199.325 лица бараат работа.

Во тие услови на огромна невработеност, три до четири пати повисока од просекот на развиените западни држави, компаниите и понатаму апелираат дека немаат работници кои ги задоволуваат нивните потреби.

Решението, според Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавачи на Македонија, е во итни реформи во образовниот систем во насока на надминување на популистичките мерки за форсирање по секоја цена на високото образование и создавање квалификувани работници по мерка на реалниот сектор. На компаниите најмногу им недостигаат кадри со средно стручно образование, кои ќе можат веднаш да се вклучат во работниот процес. Според Димитров, компаниите најмногу бараат текстилци, кожари, металски работници, келнери, готвачи, но и општи работници во земјоделството. Дефицитарни се и многу восокообразовани кадри, како технолози, физичари, математичари…

„Форсирањето на високото образование, особено на непродуктивните насоки е цената која ја плаќаат многу компании што не можат да обезбедат квалификуван кадар за своите потреби. Не ни требаат менаџери и економисти, туку работници. Во гимназија и на факултет нека одат само најподготвените, а останатите нека завршат стручно училиште, по можност дуално, додека учат, да се подготват и спремни да влезат во производниот процес“, вели Димитров.

Најголема е стапката на невработеност кај оние што би требало да се најактивни и најмногу да придонесуваат економијата да оди напред. Тоа се граѓаните од 25 до 49 години, од кои речиси половината седат дома. Над 20 отсто невработени се оние од 15 до 24 години, додека кај највозрасната група, од 50 до 64 години, невработени се 16,5 отсто. Од вкупниот број неработени, според статистика, мажи се 122.957, додека жени се 76.368.

Единствениот пат за надминување на оваа состојба, според Димитров, е политички консензус на сите фактори во државата, да се започнат реформите во образованието за кои долго се зборува, а малку се постигнува.

ПОВЕЌЕ ПРОЧИТАЈТЕ ТУКА.

Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток