Македонија

Просечната плата во март пораснала за околу 6 проценти во однос на лани

Континуирано расте просечната месечно исплатена нето-плата по вработен, велат од Владата повикувајќи се на податоците на Државниот завод за статистика. Имено, според овие податоци, во март 2021 година просечната плата изнесувала 28.217,00 денари, што е околу 6 проценти повисока од истиот месец во 2020 година, или зголемувањето изнесува 1.795,00 денари за една година.

Според денешните податоци на ДЗС, ваквото зголемување се должи, пред сè, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: Уметност, забава и рекреација (17.9 %), Дејности на здравствена и социјална заштита (12.3 %) и Информации и комуникации (12.1 %).

Зголемување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: Рударство и вадење на камен (14.9 %), Дејности на здравствена и социјална заштита (5.3%) и Градежништво (4.0 %).

„Oд почетокот на годината се забележуваат позитивни движења во економијата. Тоа најдобро може да се види преку приходната страна на буџетот. Владата континуирано креира поволен деловен амбиент за раст и развој на стопанството, како и на севкупната економија. Покрај растот на просечната плата, расте и извозот, индустриското производство, внатрешната трговија, дополнително расте и кредитирањето како на домаќинствата, така и на корпоративниот сектор“, велат од Владата.

Како што додаваат, ваквите позитивни движења во економијата, даваат сигнал на стабилизирање и раст, кој согласно владините проекции ќе изнесува 4,1 отсто за 2021 година.

На почеток