„360 степени“ ги анализира јавните набавки во општините Кавадарци, Куманово и Струга, во кои по една компанија се издвојува според бројот и обемот на добиените тендери за градење улици, тротоари, канализации…
Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, не гледа конфликт на интерес во тоа што со еден од сопствениците на фирмата што најчесто победува на општинските тендери – „Градба промет“, има заедничка компанија
Асфалтирањето улици е редовна работа што граѓаните ја очекуваат од локалните власти. Повеќето градоначалници, пак, користејќи ги социјалните мрежи, прават „атракција“ од тоа. За секоја уличка, следува објава на Фејсбук, како на пример на профилот на градоначалникот на Кавадарци – Митко Јанчев, кој не испушта да ја спомене и фирмата што моментно е ангажирана.
Ако се направи анализа на соработката во последните 6 години, од 2015 до 2020, „Градба промет“ добила околу 5 300 000 евра (5 317 019) од Општина Кавадарци за градежни работи. Но, ако оваа сума се разгледа по години, очигледно е зголемувањето на износите од година во година.
Освен Кавадарци, „360 степени aнализираше уште две големи општини на различни краеви во земјава и со градоначалници од различни политички партии – Куманово и Струга.
И овде фирма добива значителни суми од општината, но во овој случај нема праволиниска прогресија како во Кавадарци. „КООП инженеринг“ добила тендери во висина од околу 270 000 евра во 2015, па 566 000 евра во 2016 и 1 029 282 евра во 2017. Во 2018 сумата се намалува на околу 646 илјади евра, за во 2019 да порасне на 1 337 730 евра. Лани „КООП инженеринг“ добила околу 533 илјади евра од општинската каса.
Анализирано беше и кој доминантно гради и во Струга, општина под раководство на Рамиз Мерко од ДУИ. Таму, во моментов, се издвојува акционерското друштво „Илинден“ АД Струга. Од десетте најголеми тендери на општината во изминативе три години, дури седум ги добила оваа градежна компанија.
Од она што е јавно достапно на порталот на Бирото за јавни набавки, интересно е дека „Илинден“ АД од Струга не добивала тендери до 2017 година. Соработката со локалната власт почнува во 2018, првата цела година во мандатот на Рамиз Мерко. И тоа, во 2018 „Илинден“ АД добива тендери во Струга во вредност од 1 532 722 евра. Следната 2019 им донела околу 470 000 евра од општинската каса, а лани близу 787 000 евра.
Текстот во целост на: „360 степени“