Изгледа неверојатно, но по пресудата за Сеад Кочан, камиони и други возила конфискувани од државата се возат по патиштата низ земјата, прават сообраќајни прекршоци, МВР пишува пријави. Изгледа сите располагаат со тој имот освен др. жавата, пишува Христина Беловска во КОНФИСКУВАНИОТ ИМОТ ГО ЗАПЛЕТКА „ТРАНСМЕТ“ ВО НОВА АФЕРА
На 1 ноември 2019 година кај клучката Куманово полицијата запре возило марка „цитроен“ и поведе прекршочна постапка и за возачот и за фирмата која го поседувала, затоа што се движело со неисправни светилки на задниот дел. Овој прекршок е навидум вообичаен, но деталите од прекршочната пријава упатуваат на нова афера поврзана со веќе пропаднатата фирма „Трансмет“.
Конфискуваниот имот на бизнисменот Сеад Кочан, кој е зад решетки, не само што не го заврте бројчаникот на Порта Македонија туку и незаконски се вози по патиштата низ цела држава и го користат луѓе кои се поврзани со него. Тоа ноемвриско попладне „цитроенот“ го управувало лице кое работело во „Трансмет“, за што постојат пишани докази. Податоците од МВР упатуваат дека во последните две години полицијата дури 13 пати запрела и во записникот ги бележела возилата на „Трансмет“. На 4 декември 2020 година, кај маркетот „Кипер“ во Тетово бил сопрен шлепер марка „мерцедес“ со истечена сообраќајна дозвола, исто така некогашна сопственост на „Трансмет“, но и дел од листата конфискуван движен имот.
Полицијата има стандарден полициски одговор на прашањето како се случува возила од конфискуван
имот да се возат по патиштата.
„Против правното лице ’Трансмет‘ во текот на 2019-2020 година поднесени се четири барања за неважечка сообраќајна дозвола, три барања се за претовар на возилата, по две за технички неисправни возила и за неисполнување на пропишаните услови во однос на димензиите, вкупната маса и осното оптоварување (вонреден превоз), и по едно барање за управување на возило со несоодветна категорија и барање за изгубени, оштетени или уништени регистарски таблички“, е одговорот што го добивме од МВР.
Од пред четири години, освен државата никој друг не смеел да отуѓува и да располага со движниот имот, односно да ги регистрира и да ги вози возилата, а мерката важела и за недвижностите. Во мај 2017 г. Кривичниот суд носи одлука да го замрзне целиот имот по барање на некогашното Специјално јавно обвинителство кое за првпат прави т.н. бруто-конфискација. Предметот го водеа двајца обвинители, Артан Ајро и Гаврил Бубевски.
„Баравме таков тип конфискација поради фактот дека со фалсификат документација е добиена јавна набавка од којашто на сметката на ’Трансмет‘ се префрлени нешто помалку од 17 милиони евра, а содржината на таа документација претставува услов за да може да влезе во евалуација за тендер. Во тој момент осудениот ја немал механизацијата, а прикажал како да ја има. Ја купува по добивањето на тендерот од средствата од јавната набавка. Ова е класичен пример на принос од казниво дело“, вели Бубевски за ова истражување.
Пресудата ја потврдува и Апелација, но ја намали казната за Кочан од шест на четири години и осум месеци, а од 15 јули 2019 станува извршна, што значи дека државата може да почне да го продава или да го користи имотот на Кочан. Но тоа не се случува.
„Има 204 возила за кои сега се проверува дали се дадени под залог. Имаме сознанија дека 24 возила кои се со повисока вредност се заложени во неколку банки“, гласеше првата изјава на Фатон Асани, директор на Агенцијата за управување со одземен имот на прес-конференција на 18 јули 2019 година.
Наместо конфискуваните милиони на Кочан да го вртат фамозниот бројчаник кој го најавуваше Зоран Заев, „вртеле“ неговите возила низ цела држава и никој нема информација како физички лица и фирми дошле
до имот кој е замрзнат пред четири години.
„Немам претстава што се случува со возилата и целиот движен имот. Баравме да ги препишеме на име на Агенцијата, но сите беа под залог и Централен регистар нѐ одби, не можевме да ја префрлиме сопственоста и во МВР“, вели Фатон Асани, директор на Агенцијата за управување со одземен имот.
„Содржината е единствена одговорност на авторот, и на ниту еден начин не може да се смета дека ги изразува гледиштата и ставовите на Коалиција „Сите за правично судење“ и Фондација Отворено општество-Македонија“.
Сите конфискувани возила и механизација на „Трансмет“ според пресудата вределе 6,9 милиони евра, додека недвижниот имот вреднуван според парцели, станбени објекти „тежел“ 7,4 милиони евра. Но нема информација колкава е нивната вредност сега, затоа што не е направено вештачење. Она што е сигурно е дека пораснале каматите, бидејќи Кочан се задолжил во четири банки, кај познати странски, но и домашни компании, како на пример „Пуцко петрол“, кому му останал должен околу милион евра за нафта, па битката за преземање на имотот покрај државата ја водат и осуммина извршители. Една од нив, извршителката Весна Деловска, која ги застапува Шпаркасе и Комерцијална банка веќе обезбедила дел од возилата кои ги барала на паркинзите низ државата. Вкупниот главен долг кој очекува да го наплати изнесува 1,1 милиони евра. Во таа вредност заедно со еден стан, дел од бетонската база лоцирана на 5 километри до Блаце и триесетина подвижни предмети, влегуваат и натрупани камати.
„Имам обезбедено четири камиони и валјак, ги најдов на плацот во Блаце. Сега вредноста на камионот, според овластената процена која ја направив, чини два милиона денари помалку. Во моментот кога јас ги добивам предметите за извршување од ’Трансмет‘ се води судската постапка. Кредитите се земени во 2013 година и тоа е сѐ нотарски заверено“, изјави извршителката Деловска за ова истражување.
За овој имот Агенцијата поднесува тужба до Граѓанскиот суд во Скопје за да покаже „посилно“ право на сопственост и бара поништување на хипотеките. Во март 2021 г. се вклучува и Државното правобранителство со тужба за главно вмешување за да може директно да ги застапува интересите на државата. Двата процеса ги води судијката Велјанка Доневски, која следното рочиште го закажа во јуни.
Но овие предмети не се за целата конфискувана сума од 17 милиони евра, туку само за еден дел од имотот, вреден 185 илјади евра. Останатиот дел допрва ќе се обезбедува, по речиси две години откако е добиена пресудата.
Текстот во целост може да го прочитате на овој линк.