Свет

(ВИДЕО) Нова експлозија во српската фабрика „Слобода“ во Чачак, има повредени, евакуација на граѓани

Силна експлозија вечерва во областа на фабриката „Слобода“ во Чачак. Се почувствуваа и неколку послаби детонации. Тројца работници се повредени. Градоначалникот на Чачак нареди евакуација на граѓаните од околината на фабриката до градскиот стадион.

Како што објави РТС, експлозијата се случила во областа на фабриката „Слобода“. По силната детонација, што се почувствува и во центарот на Чачак, над кругот на фабриката се формираше облак чад во форма на печурка.

Тројца работници се здобиле со полесни повреди. Според д-р Александар Пајовиќ, директор на Здравствениот дом во Чачак, тие биле пренесени во Општата болница во Чачак.

Четири екипи на брза помош се подготвени во фабриката, но пожарникарите сè уште не им дозволуваат да влезат во кругот на фабриката.

Градоначалникот на Чачак, Милун Тодоровиќ, нареди евакуација на граѓаните од околината на фабриката, а местото на средбата е стадионот на фудбалскиот клуб „Борац“.

фото: Новости

На почеток