Денешното рочиште за предметот „Плацови на Водно“ на кое обвинетите требаше да се изјаснат дали се чувствуваат за виновни или не и одбраната да ги даде своите воведни зборови се одложи.
Од Основниот кривичен суд во Скопје велат дека причините за одложувањето се што одбраната барала на македонски да се преведат доказите кои се доставени на англиски јазик и тоа што еден од адвокатите кој по службена должност е назначен за бранител и во ТНТ е зафатен со рочиште по тој предмет.
Судењето треба да продолжи за точно еден месец – на 19 август.
Обвинителката Лиле Стефанова најави голем број сведоци и докази за случајот „Плацови на Водно“, односно начинот на кој експремиерот Никола Груевски ги трошел парите наменети за партијата. На обвинителна клупа седнаа бизнисмените Јордан Камчев и Ненад Јосифовиќ, мајката на Камчев, Ратка Камчева, кумот од првиот брак на Груевски, Ристо Новачевски и ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков.