Денеска го запознав деветгодишниот Никола, голем херој и инспирација за сите нас. Тој е донатор на матични клетки за неговата сестра на која и е потребен третман со трансплантација на матични клетки, напиша на својот ФБ профил министерот за здравство Венко Филипче.
Министерот во објавата додава:
Процедурата афереза на периферни матични клетки, во која донатор е дете, се изведува за прв пат кај нас на Клиниката за хематологија со помош на Клиниката за педијатрија. Со оваа соработка меѓу двете Клиники се отвора можност и педијатриски пациенти да бидат лекувани со најсофистицирани медицински интервенции. Сега пациентите нема да патуваат во странство, а и децата ќе може да спасуваат животи на членови на нивните семејства. На Клиниката за хематологија, во период од 3 години се реализирани над 150 трансплантации, од кои 6 хаплоидентични трансплантации, 20 трансплантации од несроден донор, најсложени интервенции заради кои во минатото пациентите беа праќани за третман во странски центри.
Резултатите од третманот со овие интервенции се идентични со оние од европските центри за трансплантација и се пријавуваат во базата на Европската група за трансплантација на матични клетки (ЕБМТ) во која членува и тимот за трансплантација на клиниката од 2003 година. За оваа заложба, посветеност и екпертиза му честитам на медицинскиот тим предводен од проф. д-р Ирина Пановска Ставридис и на шефот на Одделот за трансплантација на матични клетки д-р Александра Пивкова Вељановска.