Охридското Езеро има најголема биоразновидност во светот. Сега риболовците помагаат за спас на „живите фосили“ од истребување, пишува BBC во репортажата насловена „Запоставениот европски Галапагос“, во која акцент се става на опстанокот на охридската пастрмка.
Популарноста на охридската пастрмка сега ја загрозува нејзиниот опстанок. Во 90-те години, годишниот улов достигнуваше над 120 тони, а во периодот од 2012 до 2018 година во просек изнесува 61 тон, јави Нова Македонија.
Охридското Езеро е од витално значење за локалното население при што секое семејство има свој брод и долга рибарска традиција. Роланд Бичја од селото Лин на албанската страна на езерото во разговор за BBC ја објасни специфичната ситуација во која се наоѓаат риболовците.
– На нив им е потребно да ја ловат охридската пастрмка за да остварат приходи, но ако претераат, можеби веќе нема да ја има пастрмката, со што ќе биде загрозена нивната егзистенција. Токму затоа, тој и неговите колеги сега се вклучени во проект чија цел е порибување на езерото со охридската пастрмка. Комерцијалниот риболов е забранет од декември до март, кога рибите се мрестат. Во тој период риболовците се платени да ја заловат пастрмката, да ја извлечат нејзината сперма и вештачки да ги оплодат јајцата, без да ја убијат рибата. Јајцата потоа се носат во локално мрестилиште каде што се растат и се излегуваат во период од 10 месеци. Рибарите потоа се плаќани да ги вратат во езерото. Ова претставува решение за проблемот со кој се соочуваат риболовците ширум светот, се наведува во репортажата, во која се додава дека на македонската страна има забрана за ловење на пастрмката.
Покрај прекумерниот риболов, како закани за регионот се посочуваат и градежништвото и загадувањето кои се зголемиле со подемот на туризмот во градот кој е под заштита на УНЕСКО од 1979 година.
Охридското Езеро е едно од најстарите на светот и се смета дека е формирано пред околу четири до 10 милиони години. BBC истакнува дека Охридското Езеро се нарекува и „европскиот Галапагос“ поради големиот број на животински и растителни видови специфични за ова езеро. Неговите хипнотизирачки зелено-сини води се опкружени со снежни планини и бројни градови и села на брегот на албанската и македонската страна, посочува британскиот медиумски сервис. Во репортажата се наведува и дека Охрид се смета за свето место во православното христијанство, а се напоменува и дека кириличното писмо е развиено во Охридската книжевна школа.
извор: Нова Македонија
