Скопје

Скопје одбележува 58 години од катастрофалниот земјотрес

Скопје денеска со повеќе активности и манифестации ќе одбележи 58 години од катастрофалниот земјотрес во 1963 година, кога се разбуди во урнатини под кои 1.070 лица го загубија животот, а 3.000 беа повредени.

И оваа година поради корона пандемијата одбележувањето ќе биде според строгите мерки протоколи.

Традиционално, во 10 часот, пред Споменикот на жртвите од катастрофалниот земјотрес на Градските гробишта во Бутел, официјални делегации и претставници на институции ќе положат цвеќе.

Општинската организација на Црвениот крст од Кисела Вода во соработка со Институтот за трансфузиологија ја организира традиционалната крводарителска акција. Акцијата ќе почне во 9 часот и ќе трае до 17 часот, во Дневниот центар за дарување крв во Домот на хуманитарни организации „Даре Џамбаз“.

По повод годишнината од земјотресот, традиционално, и Град Скопје и јавните културни установи ќе организираат многубројни настани.

Во Музејот на Град Скопје во 19 часот ќе се одржи поетско читање на Организацијата на жени на Град Скопје, а во 20 часот ќе се отвори изложбата „Колаж на еден разурнат град“.

Во 9 часот ќе се организира „Скопска аванТУРА“ – Детска едукативна прошетка низ минатото на Скопје, а почетната точка ќе биде Феудална кула кај Домот на АРМ.

Во 19 часот ќе се одржи и свеченото пуштање во употреба на новиот кеј „13 Ноември“, на кое ќе присуствува градоначалникот Шилегов. Ќе има и настап на Градски дувачки оркестар и изложба на отворено „Сигналитика на централното подрачје на Скопје“.

Во Национална опера и балет во 20:30 часот, како дел од 42-то издание на „Скопско лето“, ќе се одржи балетската претстава „Сви марш на плес“ (Balkan Dance Project). Ќе учествуваат танчери од земјава, од Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина и Србија.

Кореограф е Игор Киров, драматург е Горан Головко, музиката е на „Бјело Дугме“, а светло мајстор е Амир Ахиќ. Балетскиот ансамбл го сочинуваат: Бранко Митровиќ, Јакша Филиповац, Лука Живковиќ, Енди Шротер, Емир Фејзлиќ, Мојца Мајцен, Теодора Радивојевиќ, Зулејха Кецо и Ана Кузмановиќ.

Програмата за одбележување на 26 јули ќе биде заокружена со централниот настан во 21 часот во Градскиот парк, каде што ќе се одржи концерт на Филхармонија и „Архангел“, насловен „Филхармонија и Архангел за Скопје“.

Како дел од активностите на кандидатурата на Град Скопје за „Европска престолнина на културата за 2028 година“, назначени се две локации за легални ѕидови за слободно користење од уличните уметници за пишување и цртање графити, сликање мурали, тагови,… Локациите се потпорниот ѕид на улицата „Војвода Васил Чакаларов“ („Адолф Циборовски“) по „Реплек“, како и ѕидовите од двете страни на булевар „Гоце Делчев“ под поранешна Стоковна куќа „Мост“, денес Универзитет на Југоисточна Европа.

Легалните ѕидови ќе бидат означени со табли со кои се потврдува слободата и безбедноста за нивно користење за креативен израз од страна на уличните уметници. Легалните ѕидови ќе бидат назначени и слободни за користење денеска, на Денот на солидарноста како сеќавање на катастрофалниот земјотрес во Скопје.

Акцијата за цртање графити се организираше викендов, во соработка со Младинскиот културен центар.

Катастрофалниот земјотрес во Скопје се случи на 26 јули 1963 година во пет часот и 17 минути, а помали потреси имаше до пет часот и 43 минути. Беа урнати 15.800 станови, а оштетени 28.000. Над 200.000 луѓе остана без покрив над глава.

Од трагедијата на Скопје целиот свет беше вознемирен и ангажиран. Меѓународниот Црвен крст упати апел до сите национални организации да организираат исхрана за скопските деца. Интерпарламентарната унија упати препорака до сите парламенти и влади да помогнат во обновата на градот. Хуманитарните организации во многу земји пристапија кон собирање помош за Скопје. Така Скопје стана град на меѓународна солидарност.

Обединетите нации веднаш по катастрофата презедоа активности за плански и долгорочно да му се помогне на разурнатиот град. Во времето кога екипи стручњаци на ОН почнаа да пристигнуваат во Скопје, во седиштето на меѓународната организација беше речено дека Скопје ќе биде споменик на човечката солидарност. На 23 септември 1963 година 35 земји побараа Генералното собрание да стави на дневен ред од своето заседание точка за преземање мерки по повод земјотресот во Скопје. По четири дена, на 27 септември, Генералното собрание и даде приоритет на меѓународната акција за давање помош на Скопје.

На почеток