Македонија

Жител на Пехчево доживеал шок од странската помош за пожарите

Сакавме „Европа да ја донесеме дома“ и ја донесовме – за жал, само поради нашата неопременост за битка со пожарите. Но, кога пламенот ќе стивне, таа Европа ќе си се врати во Европа, а ние и натаму ќе говориме за неа… Вака жители на Малешевијата ги споделуваат впечатоците за значењето на големата странска помош во најтешките денови поминати во очај, неизвесност и страв од пламените јазици, пишува Дојче Веле.

„Доживеаме вистински културен шок кога ја видовме опремата на австриските пожарникари. Организирани се во бригади, со себе имаат амбулантно возило, возило-кујна, возило- тоалет, џипови, мотори на две и четири тркала, церадни базени за акумулација на вода на терен… Во Пехчево тие направија буквално монтажен хотел, лоциран на едно игралиште. Не ни забележавме дека преку ноќ го монтирале објектот, сосема бесшумно… Имаат техника да спроведат вшмукување вода од 5 километри за секој камион. Така направија завчера и во Будимирци. Пуштија црево во планината за дотур на вода. Во цела Македонија нема толку противпожарни црева колку што тие имаат во неколку камиони. Кога ја гледаме таа опрема, имаме впечаток како да сме во некоја временска машина што нѐ однела 200 години понапред”, вели жител на Пехчево.

За разлика од пофалните зборови за странските тимови, Малешевци немаат пофални зборови за домашните.

„Градоначалникот на Берово првпат го видовме кога дојде премиерот Заев над село Будинарци, за да се слика со него. Ситуацијата не личеше на организирана туку на дезорганизирана. Односно, жителите си беа одлично самоорганизирани, а државните службеници повеќе ги демотивираа, ги караа оние кутри дедовци кои со мали трактори носеа вода, ги ‘учеа’ каде да застанат со приколките. Имаше моменти кога малку недостигаше луѓето да фрлат и гребла и лопати, поради дрските тонови на некои ‘манекени’ кои парадираа, а ништо не работеа. Најдобро беа организирани службите од ресорот земјоделство и од ЕВН. Оние од ‘Македонски шуми’ и и шумски полиции си беа команданти на самите себе“, критикуваат локални жители.

 

Повеќе на DW.com/mk

На почеток