Пожарот во пехчевско – беровскиот регион е ставен под контрола. На терен се уште се припадници на армијата, територијалните противпожарни единици, ДЗС и месното население. Иако пожарот е локализиран, екипите ќе останат присутни на лице место и во текот на ноќта, во случај на негово повторно разгорување.
Како што информираа од ЦУК, кракот на истиот пожар во делчевскиот регион, е ставен целосно под контрола. Но, и на ова место се уште има екипи на терен, кои ќе останат и ќе ја следат состојбата до утрешниот ден.
„Пожарот во Сарај, во селата Раовиќ, Буковиќ, Лескарци е се уште активен и во текот на денешниот ден во повеќе наврати дејствуваше авионот на романското воено воздухоплоство. Во 14:45 минути, истиот пожар е проширен кон сртот на ловиштето Јасен. На терен се припадници на армијата, ДЗС, противпожарните бригади, месното насление од село Сарај, кои и во моментот се на терен и се борат со пламените јазици. Активен пожар се уште има и во Чучер Сандево, во селото Побожје, каде се запалени три куќи. На лице место е бригадата од град Скопје, очекуваме информации од што се запалени куќите“, изјави Марија Милкова од ЦУК.