Коментари

Докторка од Гостивар фрапираше со искуството кое го имала со пациент! Од „Швепс“ не се кашла!

Докторката споделува дека има пациенти кои во болницата доаѓаат без маска, но и дека ги убедуваат докторите оти болката во грлото и кашлицата им се од швепс, сладолед или седење во климатизирана просторија

Само во последните 24 часа во Гостивар имаше 99 нови случаи, а едно лице на 58 годишна возраст почина од ковид-19

Прегледуваме со отворен прозорец за да се заштитиме и себе си и пациентите, но од гласната музика од настан што се одржува кај градската болница во Гостивар не можеме ниту пациентот, ниту апаратот за притисок да го слушнеме, раскажува докторката Марија Спасовска која преку Фејсбук го сподели нејзиното непријатно искуство со неодговорни пациенти кои не ги слушаат нивните совети.

„Влегува пациент, без маска, видно изнемоштен, кашла. Велам ‘Ве молам ставете маска’. Температура 37.5°C. Добивам: ‘Ај докторке немој со тие глупости, Швепс пиев многу вчера и јадев сладолед, од тоа ми е. Пиши една инекција да се опраам, утре сум на свадба’ Додека процесирам да не случајно сум ја утнала лекцијата на Медицински факултет за тоа како Швепс и температура се тесно поврзани, му даваме маска, прегледувам и по 100-ти пат вечерта со колегите го повторуваме истото ‘Ве молам тестирајте се што поскоро, и никаде без маска’“, пишува Спасовска.
Понатаму, раскажува Спасовска дека истата вечер добиле и итен повик, па веднаш на терен тргнала екипата на Брзата помош со вклучени сирени, но едвај се пробиле низ градот од сообраќајниот метеж и автомобилите кои се несоодветно паркирани.

„Стигаш по 15 минути. Те чека, нормално, едно нервозно ‘Кај сте досега, вие брза помош сте или што сте?’ Пациентот со висока температура, ниска сатурација, едвај дише. ‘Нема Корона докторке, од климата му е’. Го подготвувате за транспорт и се молиш дека до Инфективно ќе ти се погодат улици со културни возачи. Се враќаш во амбуланта, додека менуваш заштитна опрема ги слушаш колегите како пак кажуваат некому да стави маска“, пишува Спасовска.

Таа вели дека има пациенти со кои ги убедуваат докторите дека грлото ги боли од тоа што седеле во климатизирана просторија или пациенти кои им наложуваат на лекарите што треба да им биде дадено како терапија.

„’Без инекција не ми поминува, си знам јас најубаво, пиши сега еден Гарамицин и пола Дијазепам да спијам раат вечерва’. Како да сме супермаркет, само со бонус ‘не смееш да ме вратиш, тебе тоа ти е работа’. Се разбира, не даваме терапија без индикација, ама храброста да му кажеш на докторот што да ти пише е фасцинантна“, пишува Спасовска.

На почеток