Реакција на „Зелен хуман град“, откако добиле неофицијални информации дека сепак, Изборниот законик ќе се менува. Тоа според нив, треба да се направи веднаш штом Собранието почне со работа. Целосната реакција:
Според неофицијалните информации кои ги добија независните кандидати, Изборниот законик ќе се менува штом пратениците се вратат од одмор на 17 август со цел да се покачи прагот за потребни потписи среде почнат процес за собирање потписи. Ќе се зголеми прагот во сите општини каде што има најавено независни листи. Менување на правилата на игра среде почнат процес за собирање потписи е досега невидено и е вовед во диктатура на партизмот која не смееме да ја дозволиме.
Прагот од 1% не е нималку наивна ниту демократична бројка. Тоа во комбинација со исклучително бирократизираниот процес преполн со административни пречки, за најавените независни листи значи енормно зголемување на потребните потписи, кое е најизразено за Град Скопје. Наместо досегашните 1.000 потписи, за Град Скопје со најавените недемократски измени на Изборниот законик ќе бидат потребни речиси 5.000 потписи. За споредба, на последните локални избори (2017 г.) советничко место во Град Скопје се добивало со 5.700 гласови. По општини бројките се следни: Центар од 250 на 435, Карпош од 350 на 539, Гази Баба од 350 на 618, Град Скопје од 1.000 на 4.613, Тетово од 350 на 829 и Битола од 350 на 818. Но не е само зголемувањето на потребниот број на потписи проблематично во новите измени.
Проблематични се и измените со кои наместо на сите учесници во изборниот процес да им се обезбеди фер и еднаков пристап за рекламирање, тој простор е максимално ограничен за „помалите“. Со измените, предност во користење на медиумска поддршка во изборната кампања ќе имаат четирите најголеми партии (дури 90%), а за останатите, во кои спаѓаат и независните советнички групи, е определена рамка од само 10%.
Посебно проблематично е и менувањето на членот 67 со одредба која за првпат се воведува од независноста на земјава. Со измената ќе може дури и по целиот успешно поминат процес на собирање потписи, еден човек од листата да се откаже и со тоа целата листа да пропадне, односно да нема право да учествува на изборите, па макар се собрале и 10.000 потписи.