Скопје

Ана Петровска и официјално кандидат за градоначалник, „Зелен хуман град“ ги собра потписите

Иницијативата Зелен хуман град успеа да ги собере потребните потписи за независната листа на советници за Град Скопје и за кандидатката за градоначалничка на Скопје Ана Петровска на престојните локални избори.

Од таму како што објавија на својот фејсбук профил, успеале за 6 дена да ги соберат потребните 1.000 потписи.

– Фактот што за толку кусо време се собраа и повеќе од доволно потписи, ја покажува големата желба на скопјани да живееме во зелен хуман град. Огромна благодарност до сите вас за поддршката што ни ја дадовте, се гледаме на избори во октомври, велат од Зелен хуман град.

Носители на советничката листа на Зелен хуман град се Драгана Велковска и Горјан Јовановски, а кандидатка за градоначалничка е Ана Петровска, која минатиот месец од Владата беше разрешена од функцијата директорка на Државниот инспекторат за животна средина, откако влезе во конфликт со лидерката на нејзината партија ДОМ.

Потребните потписи за независни советнички листа собраа и независната граѓанска иницијатива „Шанса за Центар“ каде листата ја предводат поранешната претседателка на Советот на Општина Центар Јана Белчева-Андреевска, проф. д-р Дивна Пенчиќ и Јане Димески. Независна советничка листа на претстојните локални избори ќе има и во Општина Карпош, додека пак потписите уште не се собрани за независната советничка група „Зелените за Гази Баба“ за Општина Гази Баба.

На почеток