Македонија

Заев за Кичеец: Не знам зошто патувал кон Скопје со тие луѓе, но имал медицинска документација за лекување

Премиерот Зоран Заев не знае зошто Зоран Милевски-Кичеец патувал кон Скопје, но за случајот зошто не е во затвор на издржување казна – бил заинтересиран и разговарал со Управата за издржување санкции. Заев уверуваше дека Кичеец имал комплетна медицинска документација за да може да излезе на лекување. Детали за случајот не знаеше, а изрази жалење за загубата од сообраќајката.

„Разговарав со директорот за санкции, Марјан Спасовски. Ми ги кажа сите детали. Секој издржувач на казна затвор, има соодветни права. Овде има комплетирана медицинска документација, од здравствени причини, особено со аргументации со соодветни потписи. Не знам зошто патувал кон Скопје, со тие луѓе. За деталите ве упатувам кон Управата за извршување на санкции. Јас прашав бидејќи еве вие медиумите, но и јас како претседател на Влада, е да се заинтересираме дали ова е според закон. Жалам за загубата во сообраќајната незгода“, рече Заев.

Министерот за правда, Бојан Маричиќ рече дека Зоран Милески-Кичеец не е ниту првиот, ниту последен затвореник кој добил допуст за прекин на издржување на казната.

„Врз база на медицинска документација затвореникот добил 30-дневен прекин на казната. Ова не е прв ниту последен затвореник кој ги користел овие погодности кои врз база на медицинска документација добил ваков допуст за прекин за издржување на казната“, рече Маричиќ.

Тешката сообраќајка се случи во саботата во близина на Стража.

На почеток