Свет

Вакцинирани 50% од граѓаните: Јапонската влада најави олеснување на мерките во ноември

Јапонската влада денеска објави дека повеќе од 50 проценти од граѓаните се целосно вакцинирани против ковид, и владата го разгледува планот за ублажување на рестриктивните мерки во ноември, доколку мнозинството од населението е имунизирано.

Кампањата за вакцинација во Јапонија започна кон средината на февруари, со задоцнување во однос на најразвиените земји во светот, поради подолго тестирање на вакцините и чекање на регулаторното тело за одобрување, објави „Индипендент“.

Имунизацијата на постарите пациенти, која започна во април, исто така беше забавена поради недостаток на вакцини, но темпото се забрза кон крајот на мај и оттогаш, на граѓаните им се даваат милион дози дневно.

Министерот за економија Јасутоши Нишимура, за јавниот сервис на НХК изјави дека се очекува до крајот на септември околу 60 проценти од населението да биде целосно вакцинирано, што е на исто ниво со сегашното ниво во Европа.

Подобрувањето на кампањата за вакцинација помогна да се намали бројот на сериозни случаи, како и бројот на смртни случаи кај постарите лица, но бројот на инфекции „експлодираше“ во август кај младите, кои главно се невакцинирани, што го оптоварува здравствениот систем, Додаде лондонскиот весник.

На почеток