Магазин

Климатските промени ќе бидат најголема катастрофа за луѓето

Климатските промени би можеле да принудат повеќе од 200 милиони луѓе да ги напуштат своите домови во следните три децении доколку не се преземат итни мерки за намалување на емисиите на штетни гасови и разликите во нивото на развиеност, се наведува во извештај на Светската банка.

Во вториот дел од извештајот, објавен денеска, авторите испитуваат како ефектите од климатските промени, како што се недостигот на вода, намалена продуктивност на посевите и зголемувањето на нивото на морето, може да доведат до милиони „климатски мигранти“ до 2050 година и претставуваат три различни сценарија.

Според најпесимистичкото сценарио, што подразбира високо ниво на емисија на штетни гасови и нерамномерен развој, авторите предвидуваат дека до 216 милиони луѓе ќе мигрираат во нивните земји во анализираните шест региони. Овие региони се Латинска Америка, Северна Африка, Субсахарска Африка, Источна Европа и Централна Азија, Јужна Азија и Источна Азија и Пацификот.

Најповолното сценарио, со ниско ниво на емисија на штетни гасови и инклузивен, одржлив развој, бројот на мигрантите може да биде 80 проценти помал, но дури и во тој случај, 44 милиони луѓе би се преселиле.

Најзагрозен регион е Субсахарска Африка, во која, според најлошото сценарио, може да има до 86 милиони „климатски мигранти“ во границите на нивните земји.

Најголемо учество на „климатските мигранти“ во однос на вкупниот број жители би имала Северна Африка, каде што се предвидува дека ќе се преселат 19 милиони луѓе, односно девет проценти од населението.

Во Јужна Азија, речиси половина од „климатските мигранти“ би биле во Бангладеш, кој беше тешко погоден од поплави и неуспешни посеви, каде што се предвидува можност да се преселат 19,9 милиони луѓе.

На почеток