Во пресрет на носењето на законот за амнестија за настаните од 27 април, новинарите се координираат за покренување тужба за државата. Новинарот Боби Христов од ТВ Телма, заедно со Душица Мрѓа од ТВ24 ги повикаа другите новинари да им пишат или јават за да се искоординираат.
В понеделник, на 17-ти декември, пратениците ќе одлучуваат за амнестија на дел од обвинетите за 27-ми април. Новиот закон што ќе го предложи Телото за помирување веројатно ќе опфати 40-тина од вкупно 70 лица кои се обвинети за насилните случувања на овој ден по различни основи.
Се очекува Законот да опфати 25 од вкупно 33 лица кои се гонат за Терористичко загрозување на уставниот поредок, но и 15 кои се обвинети за Учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службена должност. Важно е да не извршиле насилство, да не се организатори на упадот во Собранието и да не се гонат по командна одговорност. Затоа, овој закон нема да ги опфати седуммината осудени за обидот за убиство на Зиадин Села, 12-мината обвинети за кривично дело насилство, меѓу кои, напаѓачот на Радмила Шеќеринска, како и оние најзвучните имиња, што се гонат по командна одговорност.