Повеќе од месец дена не работат два од лифтовите во Хируршкиот центар при Клинички центар „Мајка Тереза“. Поради ова, персоналот но и пациентите и по половина час чекаат за да се качат на горните катови. Едниот од лифтовите кој не работи е за службени потреби, додека другиот, е за цивили.
Од вкупно четири, работат само два. Најголем проблем е преносот на пациентите во операциона сала. Болничарите чекаат долго, бидејќи тешко е со еден лифт за се опслужат шест катови. Најголем проблем за користење на службениот лифт е во утринските часови, кога започнуваат и траат оперативните зафати.
Ништо поразлично не е ни со цивилниот лифт. Иако е време на пандемија и потребна е дистанца поради коронавирусот, во него одеднаш се превезуваат и по повеќе од пет лица, бидејќи во спротивно, треба да чекаат по најмалку 10 минути. За проблемот со лифтовите е известен техничкиот персонал, кој го одржува. Но, тие не се поправени.
Во службениот лифт, со кој се превезуваат пациенти на операција од клиниките во хируршкиот центар, се превезува и кадарот задолжен за чистење. Тие велат дека единствено со него може да се симнат во подземните простории, каде треба да го депонираат отпадот.
„Скопје1“ се обрати до Министерството за здравство со прашања зошто лифтовите не функционираат толку долго, но до овој момент нема одговор.
