Свет

Новинарите бараат заштита и слобода на медиумите во Авганистан

Повеќе од 100 авганистански новинари во саботата ја повикаа меѓународната заедница активно да ја заштити слободата на медиумите во Авганистан.

– Во моментов, најважно е да се добијат гаранции за безбедност, особено за новинарките – изјави група новинари преку организацијата „Репортери без граници“ (РСФ) во апелот со наслов „Новинарите во Авганистан се во опасност да исчезнат“.

Потписите беа дадени од етнички и политички разновидна група од 103 новинари, уредници и фоторепортери, вклучувајќи 20 жени.

Повеќето од нив се уште работат во Авганистан, некои се кријат, а 10 се во егзил, објави агенцијата Хина.

Сите тие нагласија дека сакаат да останат анонимни од страв од одмазда кон нив или членовите на семејството.

РСФ го поздрави ветувањето на германското Министерство за внатрешни работи дека ќе прими 2.600 Авганистанци на кои им е потребна посебна заштита, како и нивните семејства.

На почеток