Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ги отфрли тврдењата дека турското купување на рускиот одбранбен систем „С-400“ го загрозува НАТО и посочи дека Анкара дури и нема да мора да ги купи тие системи доколку Американците ѝ го продадат одбранбениот систем „Патриот“.
„Њујорк тајмс“ објави дел од интервјуто во кое Ердоган зборува за купување на рускиот одбранбен систем „С-400“. Текстот е објавен по веста за вчерашната средба на Ердоган со неговиот руски колега Владимир Путин во Сочи, пренесува „Анадолија“.
Ердоган ги отфрли сите тврдења дека турското купување на системот „С-400“ го поткопува воениот сојуз на НАТО.
„Турција купува оружје за себе“, рече Ердоган потсетувајќи дека правото на Турција да избере снабдувач со оружје го потврдија генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, а потоа и американскиот претседател Доналд Трамп.
Потсетувајќи дека Турција претходно побара од САД да ѝ го продадат одбранбениот систем „Патриот“, Ердоган рече дека неговата земја нема да мора да купува системи „С-400“ доколку Американците ѝ го продадат „Патриот“.
Во интервју за Си-би-ес, Ердоган рече дека Турција ќе продолжи да купува одбранбени системи од Русија.