Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски изјави дека пописот е успешно спроведен.
Тој кажа дека се попишани над 1.800.000 граѓани.
Апликациите за попишување во земјата и за самопопишување на дијаспората се затворени вечерва во 20 часот, со што завршија пописните активности во рамки на Пописот на населението, домаќинствата и становите 2021.
Најголемата статистичка операција по 20 години во земјава траеше 26 дена, од 5 септември до денеска.
Државниот завод за статистика во следните неколку дена треба да ги направи последните проверки и сумирање на податоците, како и технички активности на раздолжување на попишувачите.
Официјалните резултати од пописот ДЗС треба да ги објави најдоцна за шест месеци, односно до крајот на март 2022 година.