Свет

Притвор за родителите кои три месеци не го носеа детето на лекар, не чувствуваат вина

Утрово истражниот судија нареди притвор во траење од еден месец за родителите на петнаесетгодишното момче кое почина во болница во Пула како последица на занемарување и запоставување на неговото здравје.

Родителите на починатото момче утрово беа изведени пред истражен судија, во придружба на адвокати кои им беа доделени по службена должност, пренесуваат медиумите.

Обвинителството на окружното државно обвинителство во Пула издаде одлука за спроведување истрага против родителите поради основано сомнение дека извршиле кривично дело против бракот, семејството и децата, со кршење на правата на детето.

Родителите не го однеле момчето во болница три месеци, и покрај влошената здравствена состојба.

Според неофицијални информации, момчето имало дијабетес кој не бил третиран правилно, а за три месеци ослабел.

Неговата состојба сериозно се влоши на 27 септември, но родителите не побараа итна медицинска помош до 29 септември, кога детето престана да дише.

Родителите на починатото момче вчера на распитот во обвинителството изјавија дека не се чувствуваат виновни.

Доколку бидат прогласени за виновни на суд, тие можат да бидат осудени на казна затвор до 15 години.

Приведениот пар загуби уште едно дете пред две години. Во август 2019 година, нивниот тогаш 11-годишен син се удави на езерото Чинги-Линги, во општината Молве во округот Копривница-Крижевци.

На почеток