Свет

Затворени уште два града на Ла Палма поради вулканската ерупција

Властите на Канарските острови денеска објавија дека неколку илјади жители на островот Ла Палма мора да останат во своите куќи поради влошениот квалитет на воздухот, откако активниот вулкан почна да испушта жешка лава и облаци чад.

Службите за итни случаи издадоа наредба за затворање во петокот вечерта за жителите на градовите Лос Ланос де Аридана и Ел Пасо, кои се најзагрозени, објави Ројтерс.

– Новото заклучување е последица на метеоролошките услови, кои спречуваат дисперзија на гасови и ја одржуваат атмосферата на ниско ниво – се наведува во службата.

Заклучувањето ќе влијае на околу 3.500 луѓе.

Оние на кои им беше кажано да останат во куќите ќе мора да ги затворат вратите и прозорците и да ги исклучат греењето и климатизерите, со цел да спречат воздухот да влезе внатре.

Заклучувањата веќе се воведени во областите Сан Бородон, Марина Алта, Марина Бах и Ла Кондеса.

Околу 6.000 луѓе се евакуирани од своите домови откако вулканот Кумбре Виеха започна да исфрла лава на 19 септември.

Уништени се повеќе од 800 згради на островот, кој има околу 83.000 жители.

На почеток