Свет

Исчезна тричлено семејство во Србија, телефоните во иста секунда им се исклучиле

Тричлено семејство од Алексинац, Србија исчезна во ист ден, а надлежните веќе пет дена не можат да откријат што се случило. Како што пренесуваат српските медиуми, на семејството Ѓокиќ му се губи секаква трага доцна вечерта во неделата. Горан (57), неговата сопруга Гордана (56) и ќерката Лидија (25), последен пат биле видени во неделата попладне во Алексинац како се возат во нивниот автомобил „пасат“.

Од понеделникот е алармирана полицијата и сите останати надлежни служби по што започнува и потрагата по нив. Пријавено било дека го нема ниту нивниот автомобил, а мобилните телефони, како што кажа министерот за внатрешни работи, Александар Вулин, на сите тројца им биле исклучени во иста секунда.

Тој изјави дека Ѓокиќ биле добро семејство и дека нема никакво објаснување зошто би исчезнале.

Како што рече, доколку се поставеле камери во Србија, како што тој предложи во законот за полиција, кој беше повлечен, потрагата ќе била многу полесна.

Денеска беше пронајден изгорен автомобил „пасат“ во близина на Алексинац, а надлежните се сомневаат дека му припаѓа на семејството Ѓокиќ.

Попладнево, повеќе медиуми од Србија објавија непотврдена информација дека се пронајдени и безживотните тела на семејството Ѓокиќ, но ова досега официјално не го потврди никој од истражните органи.

На почеток