Лидерот на Левица, Димитар Апасиев тврди дека на овие избори нивните кандидати ќе им ги поматат сметките на останатите партии. Најави дека ќе го срони нивниот свет и ќе направи нов, братски. Порача да живее црвено Скопје и Македонија. Апасиев рече и дека СДСМ не е само политички туку и класен непријател, по што додаде: „Шилегов со неговите викендици, кој помина од Лига за демократија, преку ЛДП, преку СДС, за да заврши со милионски суми на сметка со викендици по Маврово, со деловни објекти по трговски. Ќе ги срушиме нивните династии сантим по сантим за да створиме подобар свет. Ќе ги ликвидираме сите нивни привилегии кои ги влечат од времето на Југославија, за да создадеме терен за фер плеј за децата на транзицијата“.
„Кога ќе дојдеме на власт ќе ги забраниме митинзите да знаете. Ќе забраниме политички маркетинг и само дебатата ќе ни остане, со аргументи да се бориме, знаењето, а не манипулацијата. На народот му е преку глава од зборување, на народот му треба акција. Јас му честитам на Перо Камиказа што се нафати да ја бие оваа битка бидејќи како професор по Римско право, Римјаните велеле: ‘Оној кој го мразат боговите, му даваат да се кандидира за градски претор’, сакајќи да кажат колку е тоа тешка работа. Римјаните имале избори секоја година, оти како што гледате само пред избори се работи“, рече Апасиев.
Според него, Левица е на пат да воведе ред помеѓу безредието и закони во беззаконието. За моќта на опонентите рече: „Тоа жива рана полна со корупција, немојте да верувате дека се толку јаки“.
„Перо Камиказа, човек кој со песната ‘Црвено вино, црвени знамиња’ ни ја прогласи независноста на истата сцена со Киро Глигоров. Значи токму тој човек го имаме за наш кандидат, човекот кој е инспирација на многу генерации и човекот кој никогаш досега не се шитнал за оваа или онаа власт. Затоа со гордост и чисто срце го предложивме. Затоа што сметаме дека тоа е вин-вин ситуација. Младите кои се со Левица, возраста и искуството на Камиказа со свои 62 години да се нафати на една ваква прилично нечесна, прилично валкана кампања. Меѓутоа видов на една слика, Перо има јаки стомачни и мислам дека стоечки ќе ги издржи, како за негова возраст, многу добро се држи“, рече Апасиев.